
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека соборувањето на руски борбени авиони што влегуваат во воздушниот простор на НАТО и Европската Унија е опција што се разгледува.
Моето мислење е дека мора да го браниме секој квадратен сантиметар од територијата, а тоа значи дека доколку има упад во воздушниот простор, по предупредување, откако сме биле многу јасни, секако, опцијата за соборување на борбен авион што ќе го нападне нашиот воздушен простор е на маса- рече Фон дер Лајен во интервју за CNN.
Претседателката на Европската комисија изјави дека Русија ја „тестира“ Европа „на сите полиња“.
Тоа е хибридна војна што ја доживуваме со години, која Русија ја води против демократиите на Европската Унија и другите. И затоа се бориме на сите овие различни полиња. И како што реков, тоа е одлука на НАТО, но би била многу јасна, не ја допирајте нашата територија – рече Лајен.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот, за време на состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, изјави дека земјите од НАТО треба да ги соборуваат руските авиони што влегуваат во нивниот воздушен простор.
Полска и Романија пријавија повреди на нивниот воздушен простор од страна на руски авиони претходно овој месец, што го поттикна НАТО да лансира борбени авиони како одговор, објави Танјуг.
Естонија во петокот објави дека три руски авиони влегле во нејзиниот воздушен простор, што Русија го негираше.