Skip to main content

Изложба на Кирил Гегоски во македонскиот КИЦ во Тирана

Во македонскиот Културно-информативен центар во Тирана вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложба на дела од уметникот Кирил Гегоски, чие творештво во контекст на нашата институција добива ново звучно место и публика. Изложбата се отвора во соработка со Националната галерија на Македонија и ќе биде поставена до 10 октомври.

Творештвото на Кирил Гегоски од најраните дела, па сè до денес, се одликува со минимализам и редуцирана симболика, префинет вокабулар и отсуство на какви било непотребни детали во третманот на сликата. Уметничкиот израз е исполиран до последниот детаљ, што може да се сфати како производ на воздржаниот, но софистициран фокус на авторот за потенцирање на суштината на нештата, беспрекорната реализација, а пред сè, извонредното чувство и познавање на својствата на материјалите што ги користи.

Од почетокот на 2000 година и во текот на изминатите години до денес, евидентно е менувањето на неговиот ликовен израз кој, за разлика од претходно, е поекспресивен. Гегоски во својата сликарска страст и посветеност не се задоволува само со една пронајдена матрица и во својата досегашна работа експериментираше на три нивоа на сликарската практика: материјално-техничката, концептуално-аналитичката и естетско-чувствената. Иако е евидентна стилска различност, тој се задржува на архетипските модели и истражувања на односите во кои ги согледува одговорите на сопствените размислувања за прасликата и искуствата во доживувањата на животот, во кои неповратно се врежани човековите искуства и претстави‘, велат историчарите на уметност.

Во духот на зен-филозофијата, тој верува во внатрешната чистота што се отсликува во едноставни форми и во силната енергија со која зрачи делото. Неговите феноменолошки карактеристики, засновани врз колористички оркестрации, суптилни во изразот, чисти, често лирски, а понекогаш и драматични по карактер, светлосните ефекти и субјективните чувства во доживувањето на дадената тема и мотив, ги задржуваат споменатите особености на авторовиот ракопис.

Кирил Гегоски (1944 година, Прилеп) завршил Училиште за применета уметност во Скопје, во 1964 година. Член е на ДЛУМ (од 1968) и на ДЛУБ (од 1990). Во 1979 г. ја користел сојузната стипендија „Моша Пијаде“ во Париз. Студиски патувања: Италија, Грција, СССР, Франција, Полска. Реализирал многу самостојни изложби во земјава и во странство и добитник е на многу награди.

Поврзани вести