Skip to main content

Аеродромот во Копенхаген затоворен поради напади од дронови – премиерката не исклучува вмешаност на Русија

Freepik

Во понеделникот вечерта, аеродромот „Каструп“ во Копенхаген беше принуден да се затвори неколку часа поради дронови, само еден ден по кибернападите врз аеродромите во Лондон, Брисел, Берлин и други европски градови.

Упадот со дронови што ги приземји летовите на аеродромот во Копенхаген во понеделник вечерта беше „најсериозниот напад врз данската инфраструктура досега“, изјави данската премиерка Мете Фредериксен во вторник, 23 септември, објави „Би-би-си“.

Аеродромот „Каструп“ во Копенхаген беше принуден да се затвори неколку часа откако властите забележаа неколку дронови.

„Тоа кажува нешто за времето во кое живееме и со што ние како општество мора да бидеме подготвени да се справиме“, им рече Фредериксен на новинарите.

Вклученоста на Русија не може да се исклучи, додаде Фредериксен – иако портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги нарече обвинувањата „неосновани“.

Данскиот премиер ги поврза синоќешните настани со неодамнешните упади на руски дронови во Полска и Романија, како и со руските борбени авиони во естонскиот воздушен простор.

Фредериксен рече дека мотивот за упадот во Копенхаген веројатно бил „да се предизвика нарушување, да се создадат немири… да се види колку далеку може да се оди и да се тестираат границите“.

Данската разузнавачка служба ја повтори оваа проценка, додавајќи дека земјата се соочува со „висока закана од саботажа“.

„Некој можеби не мора да сака да нè нападне, туку да нè стресира и да види како реагираме“, рече Флеминг Дрејер, директор за операции во данската разузнавачка служба ПЕТ.

Во блиска Норвешка, аеродромот во Осло исто така беше затворен некое време, поради она што властите го оценија како можен упад со беспилотни летала.

Околу 20.000 патници беа погодени од затворањето на аеродромот во Копенхаген, кој ги продолжи операциите по полноќ по локално време.

Порано во вторник, данската полиција соопшти дека не знае кој стои зад беспилотните летала, но дека доказите укажуваат на „способен актер“.

На аеродромот во Копенхаген беа забележани низа големи беспилотни летала, кои доаѓаа од различни насоки „доста оддалечени“, рече полицискиот инспектор Јенс Јесперсен.

Тој додаде дека дроновите, кои ги вклучувале и гаселе светлата додека се приближувале кон аеродромот, биле управувани од некој што имал „волја и алатки за да се покажува… можеби дури и да вежба“.

Полицијата не ги соборила дроновите бидејќи аеродромот е во густо населена област и бидејќи имало авиони во воздухот, изјави инспекторот Јесперсен за новинарите.

Во објава на социјалните мрежи, украинскиот претседател Володимир Зеленски се осврна на „руско кршење“ на воздушниот простор на НАТО во Копенхаген на 22 септември.

Инспекторот Јесперсен одби да коментира за обвинувањата на Зеленски.

„Не е затоа што не сакам, туку затоа што едноставно не знам“, рече тој.

Норвешката безбедносна полиција соопшти дека истражува дали непотврденото гледање дрон на аеродромот во Осло може да биде поврзано со дроновите видени во Данска.

Аеродромот во Осло беше затворен четири часа преку ноќ и 14 летови мораа да бидат пренасочени.

Норвешката влада соопшти дека Русија го нарушила норвешкиот воздушен простор три пати во 2025 година – во април, јули и август – додавајќи дека не е јасно дали тоа било намерно или резултат на навигациски грешки.

Поврзани вести