Skip to main content
Интервју со м-р Димитар Богески, актуелен претседател на Општинскиот Комитет Центар и заменик-директор на Државен архив на Република Македонија

Градоначалникот на Центар, кој не успеа да ги реши основните проблеми, не заслужува нов мандат

По повод 35-годишнината од постоењето на ОК Центар на ВМРО-ДПМНЕ, разговараме со м-р Димитар Богески, актуелен Претседател на Општинскиот Комитет Центар и заменик-директор на Државен архив на Република Македонија.

Вели дека е подготвен да го води Комитетот, сметајќи дека влегува во предизборната трка со јасна визија, план и програма за развој на Центар. По 12 години во опозиција на локално ниво , неговите очекувања се недвосмислени: победа на претстојните локални избори.

Богески е магистер по историски науки и заменик директор на Државниот Архив , но и со претходен мандат како Советник во Општина Центар. Тој е човек кој честопати знае да каже дека на Центар му е доста од Горан Гераимовски, актуелниот градоначалник и воедно и кандидат за нов мандат од СДСМ. Затоа и разговорот го започнавме токму на таа тема.

Велите дека актуелниот градоначалник Горан Герасимовски не заслужува повторен избор за градоначалник на Центар. Зошто?

Богески: По 12 години владеење на СДСМ во Општина Центар, време е објективно да се преиспитаат резултатите и да се одговори на прашањето: Зошто актуелниот градоначалник Горан Герасимовски не заслужува повторен избор од страна на граѓаните?. Одговорот е повеќе од јасен. Анализата што ние како Општиниски комитет ја направиме е дека во изминатиот четиригодишен мандат имаме сериозно неисполнување на клучните ветувања и системско занемарување на основните комунални проблеми во општината.

Тука можеме да ги наброиме големи неуспеси кога се работи за реализација на инфраструктурни и капитални проекти. Во овој четиригодишен мандат од страна на актуелниот градоначалник ние имаме нулта реализација на паркинг решенија: За цели четири години, не е изграден ниту еден монтажен паркинг иако на граѓаните им се ветуваше вакво нешто со што директно се игнорира хроничниот проблем со паркирањето во Центар.

Би сакал да напоменам дека иако се ветуваше изградба на неколку нови градинки, изградена е само една, чија градба траеше речиси 4 години и е почната од претходниот градоначалник исто така од редовите на СДСМ, Саша Богдановиќ. Пропаднати се големи проекти како изградба на новата општинска зграда која е најавена да се гради дури сега, па тука имаме дополнителни ветувања за зелени покриви над приватни објекти како КАМ и Рамстор кои исто така останаа нереализирани.



Дополнително настана огромен хаос во урбанизмот и комуналните услуги. Се изврши брутална бетонизација во речиси секој дел на Центар. Тука сакам да ги посочам локациите Холидеј Ин и Треска, каде што се планира да живеат над 5000 луѓе на мали простори што ќе создаде катастрофален дополнителен притисок врз целата општина. Па имавме ветувања за почист воздух, за нови паркови, засадувања на многу дрвја, имаме граѓани кои секојдневно се соочуваат со многу ѓубре и запуштено зеленило.

Градоначалникот дозволи самоволие на кафанџиите со летните тераси што го узурпира јавниот простор и ја нарушува функционалноста. Сакам да посочам и на нерационално трошење на народни пари, тука би го издвоил прекопувањето на штотуку асфалтирани улици поради грешка во градбата, пример за тоа е улицата Козара или пропаѓањето на цели улици поради неажурност на општинската администрација.

Општината дополнително беше оптеретена со 2 милиони евра пенали за катната гаража во близина на Нова Македонија поради опструкции. Има уште многу работи за тоа што градоначалникот и СДСМ им ветуваа на граѓаните но сите овие факти што ги набројав претходно укажуваат дека градоначалникот не успеа да испорача ниту минимални резултати, а на сметка на тоа, ја доведе општината до урбанистички хаос, комунална хаварија и финансиска недисциплина.

Градоначалникот кој не успеал да ги реши основните проблеми и кој се соочува со вака сериозни пропусти во урбанизмот и финансиите, не заслужува нов мандат за да продолжи со влошување на животот во Центар.

Зошто мислите дека советничката листа на ВМРО – ДПМНЕ треба да има мнозинство?

Богески: По цели 12 години сметаме дека е природно да се смени власта во општината и дека дојде времето за свежа крв и нова енергија. Ние од ВМРО-ДПМНЕ сме тука да ја побараме повторно довербата на граѓаните, искрено и отворено. Свесни сме дека во минатото беа направени грешки, а граѓаните знаат да ја казнат таквата политика – и ние ја плативме политичката цена. Од тие грешки научивме, и затоа во перидот кој претстои ќе излеземе со јасна визија и цел: да донесеме вистински промени во Центар со одличен тим од докажани професионалци во различни области. Нашата програма нуди конкретни решенија за проблемите на граѓаните, од паркирање и зеленило до урбан хаос и социјална заштита.

Она што можам да откријам во нашата програма се залагаме за изградба на нови детски и спортски игралишта. Дополнително ќе се бориме за враќање на зеленилото во секое маало и ќе воведеме. Она што планираме е да воведеме строга строга и бескомпромисна казнена политика за загадувачите преку зајакнување на инспекторатот. Не велиме дека веднаш ќе го решиме загадувањето- секој оној што ќе го вети тоа ќе излаже ама ветуваме дека можеме да придонесеме за негово намалување.

Ние во нашата програма нудиме и решение за паркирањето со дополнително проширување на резидентните паркинзи , а за безбедноста ќе ја прошириме „Зона 30“ на сите мали улици. Воведуваме и конкретни мерки за социјална заштита, како формирање на Фонд за Центарци за лекување со буџет од 10 милиони денари годишно , и Општинска програма за ментално здравје со бесплатни советувалишта.

Е сега зошто советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ заслужува мнозинство во Советот?

Од причини што поучени од претходните грешки ние нудиме одговорност и транспарентност. За да ја вратиме довербата, ќе формираме Граѓански антикорупциски совет , ќе креираме платформа „Отворен Буџет“ со интерактивни податоци , и ќе воведеме непосредно одлучување на граѓаните преку иницијативи, референдуми и анкети за важни прашања. Нашите политики се насочени кон иднината и кон вистинските проблеми на граѓаните – особено младите и ранливите категории. Затоа со оваа програма јас ги повикувам сите жители на Центар да ни се придружат во создавањето на една поубава и подобра општина Центар.


Зошто ВМРО-ДПМНЕ нема свој кандидат, туку даде поддршка на кандидатот за градоначаник Мирослав Лабудовиќ?

Богески: ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка за кандидатот за градоначалник Мирослав Лабудовиќ затоа што веруваме дека како коалиционен кандидат може успешно да ја реализира нашата програма и да донесе видливи и конкретни резултати. Тој е помалку компромитиран, има искрен и непосреден пристап кон народот и важи за вистински професионалец, докажан во својата област. Лабудовиќ не дава нереални ветувања, туку нуди практични решенија и работа на терен, што е клучно за довербата на граѓаните.

За нас не претставува проблем да поддржиме кандидати од други партии, доколку тие ги исполнуваат нашите принципи и целите на коалицијата. И во минатото тоа сме го правеле со личност како Владимир Тодоровиќ, со што покажавме дека квалитетот и професионалноста се поважни од партиската припадност.

Како коалиција функционираме одлично, си даваме меѓусебна поддршка и секојдневно учиме едни од други. Истото важи и за нашиот однос со Лабудовиќ – од него учиме, а и тој од нас, што создава цврста и искрена соработка. Веруваме во него, во неговата посветеност и чесност, и сме уверени дека заедно ќе постигнеме сериозни резултати во интерес на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ ОК Центар слави јубилеј 35 години. Како гледате на овие изминати години?

Богески: Оваа година ВМРО-ДПМНЕ ОК Центар слави 35 години постоење – три и пол децении исполнети со истрајност, работа и посветеност на идејата за подобра Македонија. Во овие години имаше и тешки и лесни моменти, но еве сме, уште постоиме и стоиме исправено, горди на сè што сме изградиле и охрабрени за она што доаѓа.

Јас лично верувам во нашата победа на претстојните локални избори, затоа што имаме одличен тим составен од урбани луѓе, вистински професионалци со знаење и разбирање. Нашата коалиција е пример за сплотеност и заедничка визија, а задоволство ми е што ја имам честа да бидам предводник на луѓе со интегритет и голема љубов кон својата општина и својата држава.

Овој јубилеј е потсетник дека силата на ВМРО-ДПМНЕ е во народот. Она што сакам да го потенцирам дека нас нè крепи поддршката од граѓаните, а нивната доверба е нашиот најголем мотив секој ден да бидеме подобри. Заедно продолжуваме напред, со цврста верба во нашата идеја и со сигурен чекор кон нови победи.

Поврзани вести