Skip to main content

Театарот за деца и младинци со „Роња, ќерката на ограбувачот“ на фестивал во Мостар

Театарот за деца и младинци – Скопје вечер ќе ја изведе наградуваната куклената претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“ во Куклениот театар во Мостар, во рамки на петтиот Меѓународен фестивал на куклена уметност во Мостар (ФЛУМ 2025), што ќе се одржува до 26 септември во организација на Куклениот театар во Мостар.

Претставата е работена според истоимениот роман на Астрид Линдгрен, шведска авторка на романот „Пипи Долгиот Чорап“.

Станува збор за динамична куклена адаптација со изразен сценски ритам и музички сегменти. Во фокус на дејствието е храброто и независно девојче Роња, чие растење е проследено со многу пресвртници. Приказната ги води гледачите низ свет на ривалски банди, таинствени шуми и фантастични суштества, а во него две деца од различни кланови на ограбувачи започнуваат една сосема поинаква авантура, притоа истакнувајќи ја силата на пријателството и изборот на сопствен пат, информира Театарот за деца и младинци – Скопје.

Режијата и драматизацијата се на Јакуб Максимов (Чешка), драматург е Горјан Милошевски, сценографијата, дизајнот на кукли и маски, како и костимографијата се на Олга Зјебињска (Полска), а музиката е на композиторот и корепетитор Лазар Новков (Србија). Улогите ги толкуваат Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.

Во натпреварувачката програма на фестивалот се опфатени десет претстави од Бугарија, Унгарија, Чешка, Шпанија, Словачка, Хрватска/Кореја, Србија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина. Фестивалот исто така нуди и богата придружна програма со перформанси, книжевни промоции и работилници за деца и театарски работници. Влезот за сите настани е бесплатен.

Поврзани вести