
Денес на 8 септември ја одбележуваме независноста, денот кога пред 34 години граѓанките и граѓаните на Македонија ја потврдија својата волја за самостојна и слободна држава. Оваа историска одлука создаде политичка обврска кон идните генерации да градат општество на правда, одговорност и грижа за луѓето и природата.
Зелената партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ) потсетува дека независноста е вредност која се брани секојдневно со чесна политика, со почитување на јавниот интерес и со визија за европска Македонија. Нашата определба е независноста да ја надградуваме со зелени политики што гарантираат здрава животна средина, правична економија и демократски институции.
Истовремено, независноста е и постојан потсетник дека државата им припаѓа на сите граѓани и граѓанки. Нејзината иднина не смее да биде заложник на корупцијата, клиентелизмот и краткорочните интереси на поединци и големите политички партии. Само преку отвореност, инклузивност и партнерство со граѓаните и граѓанките може да се изгради силна и отпорна демократија.
За зелената партија ДОМ, независноста има и еколошка димензија, бидејќи вистинската слобода е можна само во здрава и чиста животна средина. Борбата против загадувањето, правичната енергетска транзиција и заштитата на природните богатства се услов за идните генерации да живеат достоинствено во сопствената земја.
Во пресрет на претстојните избори, ја испраќаме пораката дека независноста не е завршена приказна, туку процес кој бара нова енергија и нова политичка чесност. Токму затоа, ДОМ заедно со „Коалицијата за зелена иднина“ ја гради алтернативата што ќе ја врати довербата во политиката, ќе обезбеди европска иднина и ќе им даде достоинствен живот на граѓанките и граѓаните.