Skip to main content

Ристо Пенов заедно со Никола Пановски ќе бидат носители на листата на советници на ЛДП за претстојните локални избори во Град Скопје

Поранешниот министер за локална самоуправа и екс-градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, заедно со докторот Никола Пановски ќе бидат носители на листата на советници на Либерално-демократската партија (ЛДП) за претстојните локални избори во Град Скопје. Ова Пенов го потврди во саботното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Според него, ЛДП ќе настапи самостојно во Скопје, но во соработка со партијата ГРОМ на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Пенов објасни дека имало мала комуникација со досегашниот коалициски партнер СДСМ за настап на изборите, но засега не е постигнат договор.

Инаку, пред четири години ЛДП настапи одделно од СДСМ, во коалиција со ДОМ, а нивните кандидати за градоначалници во Скопје и Битола освоија значителен број гласови, што влијаеше врз поразите на кандидатите на СДСМ.

Пенов нагласи дека со ГРОМ ќе имаат заемна поддршка за кандидатите за градоначалници, но дека конкретните детали допрва ќе се утврдуваат. Засега, ЛДП нема свој кандидат за градоначалник на Скопје.

Поврзани вести