
На идентичните ставови на Кипар и Австрија во многу области се осврнаа кипарскиот претседател Никос Христодулидис и канцеларот на Австрија, Кристијан Штокер по нивната средба во Претседателската палата, информираа од кабинетот на кипарскиот претседател, јави дописничката на МИА од Атина.
Австрискиот канцелар од вчера е во дводневна официјална посета на Кипар, а по средбата со кипарскиот претседател на заедничката прес-конференција изразија волја за продлабочување на билатералните односи во низа области, а разговарале за миграцијата, ситуацијата на Блискиот Исток и во Украина, претстојното претседателство на Кипар со ЕУ, но и за кипарското прашање за кое и Христодулидис и Штокер ја истакнаа потребата за одново обединување на Кипар.
Австрија е поддржувач на Кипар и во прашањето на неговото повторно обединување. Ние, од 1964 година сме присутни овде во однос на мировните сили, како знак на солидарност, посочи Штокер.
Ја изразив мојата длабока благодарност за долгогодишната поддршка на Австрија за нашите напори за ставање крај на турската окупација и повторно обединување на Кипар, секогаш врз основа на рамката на ОН и принципите и вредностите на ЕУ, посочи Христодулидис.
Тој дополнително нагласи дека Австрија е вреден и кредибилен партнер во рамките на Европската Унија и со Кипар споделуваат „заеднички верувања и пристапи во однос на прашањата што ја засегаат ЕУ, но и општо на иднината на Европа“.
Во пресрет на кипарското претседателство со Советот на ЕУ во првата половина од 2026 година, разменивме мислења за приоритетите на нашето претседателство, како и за прашањата од особен интерес за двете земји, но и за ЕУ како целина, како што се миграцијата, проширувањето, конкурентноста и енергетиката. И драго ми е затоа што ова се прашања за кои ставовите и позициите на Кипар и Австрија во голема мера се поклопуваат, истакна Христодулидис и додаде дека разговарале и за тековниот процес за Кипар да стане полноправна членка на Шенген зоната.
Австрискиот канцелар ја истакна поддршката во овој процес и изрази подготвеност да го му помогне на Кипар со експертиза и специјализиран персонал.
Денешните разговори ни покажаа дека сме на иста бранова должина, ќе продолжиме многу добрите билатерални односи и убеден сум дека кипарското претседателство со ЕУ ќе биде многу решително и успешно, нагласи Штокер.