Skip to main content

ИДФ: Нападот на Хамас врз воениот камп на југот од Појасот Газа е наш неуспех

Израелските одбранбени сили (ИДФ) го оценија како свој „неуспех“ тоа што вооружени членови на палестинската милитантна група Хамас вчера успеаја да влезат во воен камп и во зграда каде што беа стационирани нивните војници во Кан Јунис, во јужниот дел од Појасот Газа, иако војниците на ИДФ успеаја да го одбијат нападот.

„Тајмс оф Израел“ денеска пренесе дека истрагата на ИДФ за инцидентот покажала дека оперативците на Хамас излегле од тунел што бил на околу 40-50 метри од воената позиција, која им служела на војниците на пешадиската бригада Кфир, како и на 74-от оклопен баталјон.

Тунелот ѝ бил познат на израелската армија, а дел од него претходно бил урнат.

Вооружените членови на Хамас се поделиле во три групи, од кои едната била стационирана на околното земјиште, втората се упатила кон зграда во кампот каде што немало војници, а третата нападнала зграда каде што биле стационирани израелски војници.

Зградата каде што беа стационирани војниците на ИДФ беше нападната од двајца вооружени членови на Хамас, кои потоа околу пет минути разменуваа оган со израелските војници.

ИДФ дополни дека пред зградата во воениот камп се водела и борба со дополнителни вооружени членови на милитантната група.

Според истрагата на ИДФ, најмалку еден од вооружените членови на Хамас бил убиен од израелски војници во зградата, додека друг избегал и бил убиен надвор.

Во оваа размена на оган, тројца израелски војници беа повредени, еден потешко и двајца полесно.

Борбите во кампот траеја не подолго од 10 минути, по што некои од членовите на Хамас беа елиминирани, а некои успеаја да избегаат назад во тунелот.

Поврзани вести