
Антивладините протести во Србија синоќа прераснаа во жестоки судири меѓу демонстранти и полицијата во повеќе градови, со мотото „Србија не може да се смири“. Најмасовниот протест се одржа во Ваљево, каде што граѓаните излегоа на улица поради претходната полициска бруталност врз демонстранти.
Група маскирани лица во Ваљево го нападнаа локалното седиште на владејачката Српска напредна партија (СНС), при што беа демолирани просториите и запален дел од нив, а демонстрантите влегоа и во зградата на обвинителството и градската администрација. Пожарникарите интервенираа за да го изгаснат пожарот.
Инциденти имаше и во Нови Белград, каде полицијата употреби солзавец и оклопни возила за да ги растера демонстрантите кои фрлаа пиротехника и разни предмети. Во Нови Сад, пак, демонстрантите со боја ги нападнаа просториите на локалните партии и коалициските партнери на СНС, а знамето на Српската радикална партија беше симнато и запалено.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ соопшти дека еден припадник на жандармеријата е повреден, а уапсени се 18 лица. Тој изјави дека станува збор за „драматично нарушување на јавниот ред и мир“ и „брутален напад врз полицијата“, додавајќи дека редот е воспоставен во Белград, Нови Сад и Ваљево.
Протестите, кои траат со месеци, првично беа иницирани од студентите по трагедијата во ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад. Демонстрантите ја обвинуваат власта за корупција и бараат владеење на правото и распишување предвремени избори, што владата досега одбива да го прифати.