
Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани потпиша договор за донација со Агенцијата за електронски комуникации вреден 1,2 милиони денари.
Овие средства, според в.д. директорката на кочанската Националната установа, Габриела Стефановска, се наменети за набавка на современа и мобилна кино опрема, која ќе ги замени дотраените и стари речиси 60 години проектори и платна што датираат уште од основањето на Установата.
Кочанчани наскоро ќе добијат квалитетни кино – проекции, благодарение на чувството за општествеа одговорност на АЕК. Целта на донаторите е да се овозможи креирање на редовен репертоар на филмски проекции и враќање на публиката пред големото филмско платно, особено по трагедијата што му се случи на Кочани на 16 март. Сметаме дека ова е еден од начините за заздравување на младите преку збогатени и разновидни културни содржини со современа техника на кино проекции, нагласи Стефановска.
Повозрасната публика во Кочани со носталгија се потсетува на 70- е, 80-те и почетокот на 90-те години на минатиот век, кога проекциите на новите филмски остварувања на големо платно во тогаш Домот на културата „Бели мугри“, од нив се доживувани како едни од главните културни настани во градот.
Со помош на АЕК и помладите генерации ќе имаат можност да ја почувствуваат магијата на филмското платно, вели в.д. директорката на ЦК „Бели мугри“ од Кочани, Габриела Стефановска.
Таа воедно информира дека Установата е веќе влезена во постапка за распишување тендер за набавка на потребната опрема.