
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека американската Влада вложува искрени напори за прекин на конфликтот во Украина, сугерирајќи дека Москва и Вашингтон би можеле да постигнат договор за контрола на нуклеарното оружје.
На состанокот во Кремљ со највисоките воени и цивилни претставници, Путин најави дека ќе ги информира за фазата во која се преговорите за Украина со САД и билатералните разговори со Киев.
Рускиот претседател истакнува дека американската Влада доста енергично и искрено вложува напори за запирање на борбите, прекин на кризата и постигнување договори во интерес на сите страни вклучени во конфликтот.
Путин рече дека цел на преговорите меѓу Москва и Вашингтон е да се создадат трајни услови за мир меѓу нашите земји, во Европа и низ целиот свет, што ќе се постигне и преку договори во областа на контролата на оружјето.
Русија и САД имаат убедливо најголеми арсенали на нуклеарно оружје во светот.
Двајцата претседатели утре ќе разговараат во Алјаска. Кремљ и Белата куќа објавија дека на средбата прво ќе има тет-а- тет разговори меѓу Путин и Трамп, потоа на разговорите ќе се придружат и делегациите, а на крајот е предвидена и заедничка прес конференција на двајцата претседатели.