Skip to main content
ноќен сет за филмот „Збогум Копакабано“ во Даут пашин амам

Никогаш не работам со однапред зададена агенда, задачата ми е да раскажам приказна, вели Манчевски

Во Старата скопска чаршија во Даут пашин амам,синоќа новинари од повеќе редакции присуствуваа на  ноќен сет за филмот „Збогум Копакабано“ во режија на Милчо Манчевски, во продукција на „Банана филм“.

Манчевски вели филмот ќе биде посмешен за разлика од неговите претходни. Како што појасни, се работи за еден вид комедија, но и тажна приказна за брат, сестра и шахта.

Никогаш не работам со однапред зададена агенда, рече Манчевски, односно задачата ми е да раскажам приказна. Неговиот интерес, вели, се заплетот и луѓето.

Мене ме интересира заплетот, ме интересираат луѓето. Е сега, работејќи на тоа, кога работиш две, три, пет години кога-како, ако е добар процесот и ако има синергија со соработниците, а овој пат имам феноменални соработници и меѓу глумците и меѓу екипата, вредните работи, темите или ако сакате пораките, сами испливуваат на површината и стануваат и поинтересни и повидливи и порелевантни, рече Манчевски.

Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Калина Наумовска, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Сара Панковска, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Актерот Јордан Симонов во изјава за медиумите истакна дека ова е негова четврта соработка со Манчевски, која како што рече, претставува еден вид врв на нивната соработка.

Сум работел претходно во „Before the rain“, во „Dust“, во „Сенки“ и сега ова го гледам како еден вид врв на соработката. Секое снимање филм е посебно доживување, тоа носи посебна енергија и магија, а луѓето и актерите кои што работат во него ја чувствуваат таа енергија … Се надевам дека го постигнав она што требаше да се постигне, го доловив ликот на Панче Герамида, еден транзиционен јунак кој ги чувствува сите тешкотии од транзицијата, она што сите го чувствуваме живеејќи во Македонија 30 години, истакна Симонов.

Сара Климоска која ја игра главната улога, Малина и Филип Трајковиќ кој го глуми Виктор, братот на Малина, велат дека се уиграна двојка.

Во овој филм, секој лик е комплексен и повеќеслоен, како и во животот. Сепак, публиката ќе креира свои видувања, доживувања и расудувања за ликовите. Не би можела да ја одиграм Малина без да ја сакам и без да си ги оправдам сите нејзини постапки, размисли и емоции, рече на снимањето, Климоска.

Улогата на Виктор, братот на Малина, ја игра Филип Трајковиќ. Виктор е комплексен човек. Тој е и момче со интелектуална попреченост.

Голема одговорност е ова. Ваква улога е една од најпосакуваните во кариерата на еден актер. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата на Милчо, рече Филип, на ноќниот сет.

Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е искусниот Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка на филмот е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.

Поврзани вести