Skip to main content

 „Почесно Срце на Сараево“ за актерот Стелан Скарсгард

Како признание за исклучителниот придонес во филмската индустрија и извонредната актерска кариера, на актерот Стелан Скарсгард ќе му биде доделено Почесното Срце на Сараево на 31. Сараевски филмски фестивал.

„Сараевскиот филмски фестивал останува доследен и посветен на својата мисија – да истакнува теми од големо значење, проткаени со силна страст кон животот. Сакам да одам таму“, изјави Скарсгард.

Скарсгард, долгогодишен пријател на Сараевскиот филмски фестивал, како и кустос и еден од покровителите на Фондацијата „Катрин Картлиџ“, чија стипендија се доделуваше на фестивалот, на 15. издание во 2009 година, ја додели стипендијата на Хуанита Вилсон.

Со повеќе од 150 телевизиски и филмски проекти зад себе, Скарсгард е еден од најславните шведски актери на меѓународната сцена. Кариерата ја изгради внесувајќи живот и длабочина во ликовите на сцена, филм и телевизија.

„Голема чест е да му се додели Почесното Срце на Сараево на Стелан Скарсгард – актер со извонредна длабочина, сила и интегритет. Стелан е долгогодишен пријател на Сараево и исклучително ни е драго што повторно го пречекуваме. Неговата кариера е исполнета со незаборавни улоги во филмови кои предизвикуваат, погодуваат и остануваат со публиката. Ова признание е искрена благодарност за неговиот извонреден придонес во филмската уметност и постојаната поддршка што му ја дава на нашиот фестивал“, изјави Јован Марјановиќ, директор на Сараевскиот филмски фестивал.

Скарсгард почна да глуми на петнаесетгодишна возраст во шведската ТВ-серија „Бомби Бит и јас“. По овој почетен успех, продолжи интензивно да работи со престижниот Кралски драмски театар во Стокхолм, а истовремено се појавуваше и во бројни шведски филмови.

Неговиот меѓународен пробив дојде во 1982 година со филмот „Наивниот убиец“ од режисерот Ханс Алфредсон, за кој Скарсгард ја доби Сребрената мечка за најдобар актер на Берлинале. Продолжи да работи и со други реномирани скандинавски режисери како Бо Видерберг и Кјел Греде.

Првата значајна холивудска улога ја имаше во 1990 година, кога го глумеше капетанот на руската подморница во филмот „Лов на Црвениот октомври“. Тоа го означи почетокот на плоден меѓународен период, вклучувајќи го и „Zero Kelvin“ (1995), неговиот прв од многу филмови со норвешкиот режисер Ханс Петер Моланд, и „Разбиени бранови“ (1996), што ја започна неговата долгорочна соработка со данскиот автор Ларс фон Трир. Овој филм ја освои Големата награда на жирито во Кан и му донесе широка признателност. Подоцна се појави и во други фон Трирови филмови како „Догвил“, „Меланхолија“ и „Нимфоманка“.

Скарсгард оттогаш има соработувано со бројни влијателни филмски автори, меѓу кои Гас Ван Сант („Доброто друштво на Вил Хантинг“), Стивен Спилберг („Амистад“), Џон Франкенхајмер („Ронин“), Пол Шрејдер („Егзорцист: Владеење“), Дејвид Финчер („Мажите што ги мразеа жените“) и Милош Форман („Духовите на Гоја“).

Влезе во светот на блокбастерите како Бутстрап Бил Тарнер во првите два филма од серијалот „Пиратите од Карибите“ и ја освои глобалната публика со улогата во „Мама Миа!“ и неговото продолжение. Се приклучи на Марвеловиот филмски универзум како физичарот Ерик Селвиг во „Тор“ и ја повтори улогата во уште четири филма од MCU.

На телевизија, во 2015 година, Скарсгард се појави во емотивната серија на Би-Би-Си „Ривер“ на Аби Морган. Потоа беше номиниран за Еми и Златен глобус за своето незаборавно изведување во „Чернобил“ на ХБО. Во 2020-тите, продолжува да балансира меѓу престижни и популарни проекти, со гласовна улога во „Симпсонови“, главна улога во филмовите „Дина“ на Дени Вилнев, како и пофалени настапи во серијата „Андор“ (Војна на Ѕвездите) и филмот „Сентиментална вредност“ – добитник на Гранд При на Канскиот филмски фестивал 2025 година.

Сараевскиот филмски фестивал ќе се одржи од 15 до 22 август година.

Поврзани вести