Во Културно информативниот центар Битола, Македонско-хрватското друштво и Хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ”, организираше Божиќен и предновогодишен концерт, кој ова хрватско друштво го организира секоја година на радост на љубителите на хрватската култура во Битола.
„ Ова е продолжување на традицијата МХД “Марко Марулиќ“, изјави Бранко Маретиќ, претседател на Хрватскиот културен центар и додаде: „ Слободно можам да кажам дека сме богати затоа што имаме две држави – нашата татковина Хрватска и земјата во која живееме Македонија, нашата втора татковина“.
Неда Маретиќ во име на Хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ” истакна дека е прекрасно чувството да се зборува за соработката на двете земји преку културата.
„Нашите пријатели од Хрватска ги угостија членовите на КУД “Илинден“ од Битола на Меѓународниот фолклорен фестивал во Јелса минатата година, а нашите “илинденци“ достојно ја претставија нашата богата македонска култура. Ова го напоменувам поради фактот дека Хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ” не ја претставува само хрватската култура во Битола, туку и македонската во Хрватска, а ги поврзуваме уметниците, театрите, КУД-овите, но и институциите од двете земји. Заедно пееме хрватски и македонски песни, а тоа е најпрекрасното во нашето дружење“.
На програмата оваа година беа: Изложбата по повод 500-годишнина од првото печатење на „ЈУДИТА“ на таткото на хрватската книжевност, Марко Марулиќ, предавањето на гостинот од Сплит, Лука Марковиќ – Литературен круг Марулианум, „Марко Марулиќ и Европа“.
Во публиката како и на секоја манифестација имаше Хрвати кои живеат во Битола, но и битолчани кои ја почитуваат хрватската песна и култура, претставници на дипломатскиот кор во Битола и Македонија, заменик градоначалникот на општина Битола Бојан Бојкоски, директорот на КИЦ, Офицерски дом-Благојче Божиновски, директорката ма Државното музичко училиште Марија Шамоска Буџаковски и други.
„Нашата соработка продолжува на сите полиња и среќни сме да бидеме дел од ова македонско-хрватско пријателство“, ни изјави директорката ма Државното музичко училиште Марија Шамоска Буџаковски. Па така вечерта со својот настап, ја збогатија специјалните гости, учениците од Државното музичко училиште- Битола: Теона Буџаковска пијано, која е во класата на професорката Јана Четелева Белевска и Ѓорѓи Младеновски на хармоника, во класата на професорот Владимир Андревски.
Главниот настан беше концертот на КУД „Јелса“ –„Песни и ора на Далмација“, на гостите од Јелса, островот Хвар. Пред присутните се обрати и претседателката, пријателка, Перица Милета.
„Самото доаѓање во Битола, за сите нас е големо задоволство. Се запознавме минатата година со господинот Маретиќ, со членовите на КУД „Илинден“ и срцето ни беше исполнето кога добиме покана за гостувањето, да се претставиме, да донесеме еден мал дел на Далмација овде. Ние имаме 16 кореографии, детски ансамбл со 8 кореографии, возрасната група со 8,плус мандолински оркестар и женска клапа. Броиме вкупно 85 членови. Репертоарот го избравме врз основа на тоа бидејќи сега е месецот на Божиќните празници, имаме повеќе обиачи меѓу кои: колендање, обиколка на куќите каде живеат луѓето кои имињата ги добиле по некој светец, дружење со божиќни песни, сетоа тоа сакавме да го пренесеме во Битола, далматинските обичаи“.
Следниот ден КУД „Јелса“ настапија на годишниот концерт на КУД „Илинден“. Покрај одржувањето на овие концерти, одбележувањето на хрватските празници, Хрватскиот центар секоја година организира презентирање на македонските уметници и групи во Хрватска. Концертот беше во рамките на годишната програма на Хрватскиот центар за одбележување на 30 години постоење. Настанот се одржа со поддршка на: Општина Битола, Централна државна канцеларија за Хрватите надвор од Република Хрватска како и КУД Илинден Битола.
//=$postHeader?>