
На малата сцена во Македонскиот народен театар вечер од 20.30 часот во рамки на фестивалот „Скопско лето“ премиерно ќе биде изведена претставата „Лов на дива свиња“ – македонско-црногорски проект што тематизира семејно насилство. Авторка на текстот е црногорската писателка Марија Сарап, а режисер е Наташа Поплавска.
Претставата е копродукција помеѓу МНТ, Градско позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје и е прва соработка по потпишаниот Меморандум за продлабочување на културна и уметничка размена меѓу Македонија и Црна Гора.
Во претставата играат актери од двете земји: нашите Искра Ветерова-Славенска, Ана Стојановска и Мина Јелушиќ-Јериниќ и гостите од Црна Гора – Ѓоргије Татиќ и Вукан Пејовиќ.
Претставата е праизведба и е спој на два драмски текста од авторката Сарап – „План Б“ и „Лов на дива свиња“, и двете тематизираат интимна приказна за жени што трпат семејно насилство и како да се спротивстават и да се заштитат во тие токсични околности во кои забораваат на себе и се преобразуваат во нешто што не се.
На прес-конференција по повод премиерата, Сарап кажа дека се работи за приказна за „демоните што ги ловиме цел живот во себе и се обидуваме да ги избркаме од себе за да бидеме подобри луѓе“.
Режисерката Поплавска додаде дека се работи за „женска тема со јасна порака, приказна за семејно насилство и семејни тајни, демони што се пренесуваат во фамилијата“.
-Женски крик за сите жени кои доживеале барем малку од она што ќе се види на сцената, за жени кои молчеле и се прашувале дали да кажат и кому да се обратат. Ова е апел и до институциите. Мисијата сме ја постигнале ако барем некој во публиката се реши да си каже: Доста е!, рече Поплавска.
По праизведбата во МНТ, „Лов на дива свиња“ ќе има премиера и во Градско позориште Подгорица планирана за септември.