
Со оглед на тоа што Бугарија тврди дека проблемот за почнувањето на преговорите со ЕУ се само Бугарите во Уставот, македонската страна предлага да биде поднесена заедничка резолуција во ЕП, со која ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и на јазикот.
Понудата ја дал премиерот Христијан Мицкоски до бугарскиот претседател Румен Радев и до нивната влада.
Пратеникот Антонијо Милошоски, говорејќи на темата, рече дека ако пречка за македонските евроинтеграции е само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно да поднесеме резолуција, која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија.
„Понудата која е дадена од премиерот Мицкоски е отворена“, рече Милошоски.
Како што истакна, отворањето на Уставот изгледа дека за многу владини претставници во Софија е само почеток на многу други барања и многу други изговори за идни блокади. Реалноста, вели Милошоски, е дека добар дел од официјалните претставници на Бугарија, работат на негација на македонскиот идентитет и на јазикот, нешто слично како што Русија ја негира самобитноста на украинскиот јазик и посебноста на украинскиот народ.
Пратеникот обвини и дека Бугарија сака да спроведе еден историски инженеринг, каков што не е спроведен никаде во современиот демократски свет, а за жал, добива помош од претставници на СДСМ.
„Конкретно, претседателот на СДСМ е спремен сервилно да изгласа сѐ што Бугарија ќе стави на маса, а тоа го потврди и самиот Венко Филипче во неколку свои настани. Народот јасно може да види кој за што се залага и може да препознае дека СДСМ е демаскиран и дека секој знае оти од страна на нивното раководство постои една спремност да се прифатат какви било дополнителни понижувања и потчинувања на Македонија“, рече Милошоски.
За разлика од тоа, како што додаде, целта на ВМРО-ДПМНЕ е да ги заштити националните интереси, достоинството на државата, да имаме конструктивен дијалог со секој сосед, па и со Бугарија, базиран на аргументи, но без виткање на ‘рбетот на самата држава.