
Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска денеска остварила средба со пратениците на германскиот Бундестаг Давид Прајсенданц и Тилман Кубан. На средбата присуствувале и заменик генералниот секретар Никола Ѓошевски, како и директорот на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје, Даниел Браун.
Како што соопшти собраниската прес-служба, соговорниците разговарале за досегашните заеднички проекти, како и за можностите за соработка меѓу двата парламента во наредниот период, посебно на ниво на служби, при што беше изразено обострано задоволство од комуникацијата на сите нивоа.
Биле разменети мислења и за процедурите и чекорите за донесување на законите во Собранието кои произлегуваат од Реформската агенда, а во насока на процесите за интеграција во ЕУ, кои беа посочени како државен приоритет, за чие исполнување е од посебно значење и поддршката од Германија.
Во тој контекс, се разговарало за неодамнешните реформи во делот на администрацијата, како една од клучните точки во рефрските процеси. Притоа била истакната и потребата од засилување на независноста и на надзорната улога на Собранието, како мошне значајни во понатамошниот процес на евроинтеграција.
Од Собранието додаваат дека се разговарало и за примената на новиот Деловник на Собранието, како и за можностите за воведување календар за пленарни сесии, но и за поддршката од Бундестагот во делот на обезбедувањето на законодавниот дом.