
Со гала концерт на американска пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи, во придружба на орекестарот на Македонската филхармонија под диригентска управа на маестро Едвин Оутвотер синоча, на Античкиот театар беше отворено годинешното 65-то издание на најголемата и најпознатата музичко сценска манифестација во земјата, Фестивалот „Охридско лето“, чиј покровител е претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.
Фестивалот „Охридско лето” прераснува во препознатлива традиција, никната врз цврсти темели и доградувана преку уметнички мостови на обединување, будејќи го убавото, хуманото и културното.
Од двата брега на Охридското Езеро, инспирација црпеле првиот македонски романтичар, Константин Миладинов, но и првиот албански модернист, Лазгуш Порадеци, кажа Сиљановска Давкова на свеченото отворање на Фестивалот.
Шеесет и пет години „Охридско лето” е нашето скапоцено уметничко огледало, престижен уметнички центар. Да ги отвориме срцата, да и дозволиме на уметноста да не зароби и да не преобрази, да и се препуштиме на новата фестивалска идила, на јубилејбото 65. издание на фестивалот Охридско лето, кажа во говорот Сиљановска Давкова.

Во наредните 40 дена во Охрид ќе продефилираат бројни врвни уметнички содржини од областа на музиката, театарот, балетот и визуелни уметнички доживувања, со уметници од целиот свет. На сцените низ градот ќе ги видиме најеминентните пијанисти Михаил Пљетњов, Лукаш Вондрачек, виолинистите Вадим Глузман и Џек Либек, виолончелистот Даниел Мулер Шот, легендарната кастањета уметница Лучера Тено во дуо со еден од најзастапените светски харфисти Хавиер де Маестре и многи други…
Во музичкиот дел од програмата тука се и настапите на гудачкиот квартет на кралскиот Концертгебау од Холандија, како и оркестарот Симфониета ди Болоња како претставници на најпрестижните национални оркестри во светот воопшто.
Програмата предвидува и претстава за деца, како и два џез-концерти меѓу кои еден на познатиот охридски уметник Дамјан Пејчиновски, како и настап на Националниот џез оркестар со големата ѕвезда Шеон Кути, како обид на фестивалот да ја збогати понудата и да се допре и до најсофистицираните уметнички уживатели.
За 3 август на програмата е мега-спектаклот „Кармина Бурана – Симфонија на Битовите“ со повеќе од 70 уметници на сцена.

Во драмскиот дел предвидени незаборавни мигови со реномирани театарски продукции и две премиери. Меѓу другото уживателите на театарот оваа година ќе имаат можност да ја видат најнаградуваната претстава годинава, поставката „12“ во продукција на Македонскиот народен театар. Монодрамата со Игор Ангелов, повторно излегувајќи од стандардните сцени на посебно место кое се вклопува во целата приказна и ќе биде доживување за публиката. Годинава на програмата ќе бидат одиграни две премиери во продукција на Турскиот театар од Скопје и Драмски театар од Скопјe.
За последниот фестивалски ден и спуштањето на завесата сцената на Античкиот театар е резервирана за театарската претстава „Електра“ во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на Театартската асоцијација од Јужна Кореја и НУ „Охридско лето“.
Целата програма за годинешното „Охридско лето“ е објавена на фестивалската интернет-страница, билетите за сите настани можат да се набават и по електронски пат, како и на билетарниците на „Охридско Лето“ во Охрид.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на Претседателот на државата, со поддршка на Министерството за култура и Општина Охрид, како и голем број спонзори, помагатели и пријатели на фестивалот.