Skip to main content

СДСМ по катастрофалниот рејтинг на последното истражување обвинува за лажни анкети, фабрикувани во партиска лабораторија

Откако беа објавени резултатите од истражувањето на МКД.мк, како дел од редовните истражувања кои редакцијата ги прави заедно со агенцијата Маркет вижн, а според кои Мицкоски има поголем рејтинг од сите политичари заедно, ВМРО-ДПМНЕ е четири пати подобра од СДСМ, реагира опозицијата. Според нив очигледен бил „очајот на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, штом повторно се потпираат на лажни анкети, фабрикувани во нивната партиска лабораторија“.

Мицкоски, по примерот на неговиот ментор Никола Груевски, троши 400.000 евра народни пари за платени анкети и измислени рејтинзи, надевајќи се дека со лажна слика ќе ја прикрие реалноста. Наместо силна реакција за справување со пожарите, наместо вистинска грижа за настраданите од несреќата во Кочани, наместо борба со криминалот во Чаир, ВМРО-ДПМНЕ во својот очај сервира политички спин и пропаганда.

Анкетата на „Маркет вижн“ е дел од кампањата со која Мицкоски се обидува да ја прикрие неспособноста и отсуството на било каква визија. Имено, Маркет вижн во март 2025 година склучила договор со Владата на рекордна сума од 400.000 евра за да прави анкети и го мери мислењето и задоволството на граѓаните од работата на Владата. Зар некој треба да верува во овие анкети кои служат единствено за да се манипулира јавноста и се во функција на пропагандата на ДПМНЕ.

Замислете, оваа е таа агенција која склучи договор со Владата по само три дена од несреќата во Кочани каде што починаа 63 млади животи, а над 200 беа повредени. Ова е доказ за нивниот морбиден политички карактер, кој дури и трагедиите ги користи како можност за бизнис и пропаганда, срамно.

Колку и да се трудат да создадат лажна слика за поддршка, вистината е очигледна: граѓаните секојдневно гледаат хаос, неработење, скандали, неспособност, расипништво, криминал и корупција во врвот на Владата. Додека народот се справува со пожари, инфлација, ниски плати, нефункционални институции и секојдневни убиства по улиците, Мицкоски се занимава со нарачани анкети и политичка самореклама.

СДСМ останува на страната на граѓаните. Ќе продолжиме да се бориме против манипулациите и лажните наративи и ќе ги разобличуваме сите обиди за дефокусирање од реалните проблеми.

Граѓаните заслужуваат одговорна власт, вистина, а не евтини трикови и прескапи анкети. Вистинските анкети ќе се видат на локалните избори, кога незадоволството на народот ќе се претвори во јасна порака против оваа неспособна и расипничка власт – велат од СДСМ.

Поврзани вести