
Најмалку 129 лица го загубија животот во разорни поплави што ги погодија ридските предели на американската сојузна држава Тексас, соопштија локалните власти.
Најтешко погоден е округот Кер, каде што се потврдени најмалку 103 жртви, меѓу кои и 36 деца, пренесува ABC News.
Со оглед на размерите на катастрофата, американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вонредна состојба во погодените области, а на терен е веќе распоредена Федералната агенција за управување со вонредни ситуации (FEMA).
Спасувачките тимови сè уште трагаат по исчезнати лица. Според последните податоци, 166 лица се водат како исчезнати, а властите предупредуваат дека бројот на загинати би можел да продолжи да расте.
Метеоролозите најавуваат нови врнежи во следните денови, што дополнително може да ја отежни мисијата на спасувачките екипи.
Претседателот Трамп, заедно со првата дама Меланија Трамп, вчера го посети погодениот регион. Во своето обраќање од градот Кервил, Трамп изјави дека „никогаш досега не видел нешто слично“, и упати благодарност до службите за итна интервенција, како и до локалното население, за нивната „неверојатна посветеност“.
„Тие се вистински херои и хероини“, рече Трамп пред медиумите, пренесе CNN.
Претседателот посочи дека заедно со првата дама се сретнал со семејствата кои ги загубиле своите најблиски, вклучително и родителите на загинатите деца во кампот Мистик, каде се случила една од најголемите трагедии.
Трамп изрази длабоко сочувство до сите погодени семејства, нагласувајќи дека државата ќе стои зад нив во секој чекор од опоравувањето.