
Владата на Хрватска одржа седница на која до Собранието упати измени на Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили, со кои, меѓу другото, повторно се воведува задолжително основно воено оспособување.
„Сметаме дека овие документи се навистина потребни со оглед на значително изменетите глобални безбедносни околности. Хрватска од 2008 година има суспендирана одлука за служење на воениот рок, а на овој начин, со добро калибрирано и прилагодено основно воено оспособување, создаваме предуслови младите генерации да стекнат вештини што 17 или 18 генерации не ги стекнале, и на тој начин ја јакнеме силата на хрватската војска,“ изјави премиерот Андреј Пленковиќ.
Основното воено оспособување, т.н. воен рок, во траење од два месеци, треба да започне од јануари 2026 година.
Во воената евиденција се впишува државјанин на РХ кога ќе наполни 18 години, а на воена обука се упатува во календарската година кога наполува 19 години. Исклучително, може да се упатат и новобранци постари од 19, а до 30 години. По добивањето на покана за служење на воениот рок, новобранецот се упатува на здравствен преглед за да се утврди дали е способен за воена служба. Во случај на нејавување, се издава налог до полицијата за негово приведување, а се предвидува и казна од 250 до 1320 евра.
Жените не подлежат на обврска за воен рок, но можат доброволно да похаѓаат основно воено оспособување, што е еден од условите за прием во активна воена служба, и да служат во резервниот состав.
Надомест од 1100 евра, постои и право на приговор на совеста
Двомесечната обука ќе се спроведува на три локации – во касарните во Книн, Слуњ и Пожега. Планот е да се опфатат до пет генерации годишно, односно до 800 регрути по генерација, што би било околу 4000 годишно. Ако интересот биде поголем, капацитетите ќе се прошират.
Регрутите за време на воената обука ќе добиваат 1100 евра нето месечно, со платени трошоци за храна, превоз и одмор. Служењето се впишува во работниот стаж, а на вработените регрути им мируваат правата од работен однос и не можат да добијат отказ поради служење на воениот рок. Невработените регрути кои ќе ја завршат обуката, под исти услови со сите останати, ќе имаат предност при вработување во државната администрација и единиците на локалната и регионалната самоуправа.
Оние што ќе се повикаат на приговор на совеста ќе мора да ја служат обуката цивилно, и тоа преку два модели – во Секторот за цивилна заштита на МВР или во локалните единици во местото на живеење. Обуката преку цивилна заштита трае три месеци – непрекинато, секој ден, а служењето во локалните единици на задачи за противпожарна и цивилна заштита, уредување на околината, комунално стопанство и одржување на јавни патишта ќе трае четири месеци, пет работни дена по осум часа.
Надомест и за цивилните регрути
И цивилните регрути ќе добиваат надомест, но помал – во цивилната заштита околу 250 евра месечно (одлуката ќе ја донесе Владата), со платено сместување, храна, работна и заштитна облека, додека во локалните единици ќе добиваат само одреден надомест во вид на платен превоз. Цивилниот регрут за време на цивилната служба има право на здравствена заштита, задолжително здравствено осигурување и права во случај на повреда, заболување или влошување на здравјето за време на службата.
Обуката, и воена и цивилна, може да се одложи до 29 години во случај на студирање, а за спортисти, за една година, поради учество на светски и европски првенства, но најдоцна до 29 години. Законот предвидува и можност за одложување во специфични случаи, ги дефинира условите за ослободување од служба, како и за неповикување во служба. Исто така, се пропишуваат и условите за одбивање на барањето за цивилна служба.
Измени на Законот за вооружени сили, стратегија за одбрана и долгорочен план за развој
Со измените на Законот за служба во вооружените сили на РХ се пропишува дека во активна воена служба ќе може да се примаат и лица со само основно образование, со услов до истекот на првиот договор за воена служба да завршат средно образование, а се зголемува и старосната граница за две години за останување во служба.
Клучна новина е што Министерството за одбрана ќе им суфинансира дел од каматата на станбен кредит за купување, градба или адаптација на стан или куќа на активни воени лица под 45 години кои немаат решено станбено прашање во местото на служба. Препознаена е и потребата за понатамошно подобрување на условите за живот, работа и стандардот на активните воени лица.
Владата ја донесе и Стратегијата за одбрана на РХ, како и Долгорочниот план за развој на вооружените сили на РХ од 2025 до 2036 година, со примарна мисија за одбрана на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на РХ, придонес кон меѓународната безбедност и поддршка на цивилните институции, со очекување за значително поголеми буџетски издвојувања за одбрана.
„Нашата визија е да обезбедиме силни вооружени сили и да придонесуваме кон стабилноста во рамките на НАТО и ЕУ, но и самостојно,“ изјави министерот за одбрана и потпретседател на Владата, Иван Анушиќ.