
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека „шокирана е од изјавата на министерот Горан Минчев“ дека 40 отсто од вработените во администрацијата или ништо не работат или бараат начин како да не дојдат на работа.
-Се шокирав од изјавата на министерот Минчев, а претпоставував дека штом имате партиски вработувања, можно е тие да бидат само формални. Значи, имате вработен, но нема работа. Ама дека 40 проценти луѓе може да не работат, а да бидат вработени, тоа навистина не го очекував. Тоа не може ниту една економија, дури ни европска, таму тоа е и незамисливо … Значи, вие имате недостиг на ум, недостиг на работна сила, зашто тоа се фигури но не се движат, а од друга страна буџетот се празни. И оние кои сакаат да влезат и да работат, знаат и умеат, мора да си заминат точно поради ваквите, рече Сиљановска-Давкова во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.
Посочи дека токму од „бирократијата, од државната и јавната администрација“ зависи најмногу европската реформа, но оти не успеала ниту една.
-Ни една реформа не успеала. Не верувам дека имале политичка волја за европски промени луѓе кои дозволувале 40 проценти да земаат плата, а да не работат. Сте го виделе ли тоа некаде во некоја европска држава?, рече претседателката.
Прашана што мисли за тврдењата на ДУИ откако не е на власт дека се намалуваат правата на Албанците, таа одговори дека е „логично некој кој бил 20 години во власт, и сега не е во власта, така да зборува, но на опозицијата и личи да критикува“.
-Особено на опозицијата која предолго била на власт. Немам ништо против бидејќи е тоа вербално, бидејќи не е со закани и со сили, сѐ уште. Доколку тоа се напушти, тогаш доаѓа до делегитимирање, зашто демократијата значи со мирни средства, со критика, со проекти, предлози и поинакви решенија ќе трагате по подобра сегашност и подобра иднина, изјави Сиљановска-Давкова.
Како што рече, „доволно темни моменти се случија во оваа партија што беше своевидна демократска лекција“.
-Од црни листи до процеси, постапки итн., бегства во соседни држави на најголеми демократи. Не верувам дека некој ќе го ризикува политичкиот статус и можноста да биде фактор во процесот на одлучување, без оглед дали е тоа во власта или во опозицијата, за да посегне по употреба на сила или закана со сила. Не верувам, а се разбира и дека тоа никој нема да го прифати во Европската Унија, додаде претседателката на државата.