Skip to main content

Економските политики даваат резултати: Растот на индустриското производство и БДП охрабруваат

Раст на индустриското производство, покажуваат последните статистички податоци, што се надоврзува на неодамна објавените податоци за раст на Бруто домашниот производ, што пак дава навестување дека натамошниот раст на економските показатели е загарантиран. А сето ова е резултат на економските политики на оваа Влада, кои повеќе од очигледно, даваат резултати. Очекувањата за стабилизирање на економијата се повеќе од реални, со оглед на тоа дека има најави за нови инвестиции, отварање нови работни места, зголемување на извозот.

Експертите се едногласни дека растот на економските параметри охрабрува, но дека од друга страна демнат многубројни опасности. Според нив благото раздвижување веќе се чувствува и е резултат на стабилизацијата која почна да се чувствува од минатата година. Сепак, тие порачуваат дека мора да се закочи малку со платите и пензиите, бидејжи нивниот раст ја погрева инфлацијата.

Растот на примањата, очекувано ја зголемува потрошувачката, што пак притиска на раст на инфлацијата. Токму затоа власта треба да изнајде механизми за прудентна економска политика, со која ќе се заузда одвртувањето на инфлационата спирала – велат експертите.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски е задоволен од економските показатели за раст

Исклучително сме задоволни од растото на индустриското производство, бидејќи индикаторите, посебно во вториот квартал, почнуваат конечно да покажуваат раст. Значи оној период на стабилизација на македонската економија, сега е проследен со раст. Раст од 9,4% речиси двоцифрен раст на индустриското производство во мај, споредено со мај минатата година и раст на 9% на преработувачката индустрија во мај, е нешто коешто навистина за нас е многу значајно. Исто така, можам да кажам дека ако се земе периодот од почетокот на годината заклучно со мај месец, значи првите 5 месеци споредено со истиот период лани, растот е над 3, мислам дека е 3,3%, а кај преработувачката индустрија 4,5%.

Така што можам слободно да заклучам дека периодот на консолидирање и стабилизација е завршен, сега почнуваме преку овие индикатори да генерираме раст. Туризмот расте со повеќе од 20% и расте индустриското производство, растат инвестициите и така натаму. Ценам дека вториот квартал, би требало да имаме исклучително висок раст на македонската економија -вели Мицкоски.

За растот на индустријата придонесуваат инвестициите. Една од нив е денеска најавената нова инвестиција на Гемтерм, глобален лидер во автомобилската индустрија, кој покрај веќе постоечката во Прилеп започнува со свој план за проширување на капацитетите.

Гемтерм со овој нов инвестициски циклус се потврдува она што сите го чувствуваме, дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочни, стратешки и технолошки напредни инвестиции – изјави премиерот Мицкоски.

Инвестицијата согласно деловниот план на компанија ќе изнесува повеќе од 30 милиони евра, со нови до 300 вработувања.

Станува збор за високо интегрирани системи во автомобилската индустрија со нова технолошка опрема, автоматизирани линии и современо производство. Ова значително ќе го зголеми извозот на ова високо техноложко производство кое докажува дека сме конкурентни на тој пазар – потенцира Мицкоски.

Аналогно на растот на индустријата, се надоврзуваат податоците за раст на БДП од 3 отсто во првиот квартал споредбено со лани.

Со тоа Македонија влезе меѓу петте земји со најбрзорастечка економии во Европа. Пред нас се Ирска, Данска и Полска.

Споредбено ова значи дека растот е поголем за три пати повеќе од лани.

Поголем пораст е забележан во секторите: Градежништво и стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности од 7.1%, како и информации и комуникации од 4.8%. Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2025 година, номинално расте за 7.1%, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ е 69.0%.
За разлика од претходните години кога македонската економија беше на дното целосно девалвирана, сега имаме целосно придвижување напред, што според власта се должи на успешните економски политики на Владата.

Автор: А.С.Н.


Поврзани вести