Skip to main content

Ретроспективна изложба посветена на еден од најзначајните македонски музички состави – ансамблот „Мањифико” во Градски музеј Крива Паланка

Ретроспективната изложба посветена на еден од најзначајните македонски музички состави – ансамблот „Мањифико”, кој во своето 31– годишно постоење остави длабоки траги во македонската и меѓународната музичка сцена, ќе биде отворена на 5 јули (сабота) 2025, со почеток во 20,30 часот, во уметничката галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.

Изложбата е екслузивен и траен спомен и чествување на богатиот опус на „Мањифико” со обемна збирка  од над 240 селектирани експонати, фотографии, постери, документи, аудио-визуелни снимки и архивски материјали кои сведочат за извонредната уметничка активност и достигнувањата на овој реномиран состав. Меѓу нив е и монографијата „Ансамблот Мањифико мит-легенда или реалност”, чиј автор е еден од основачите и член на овој состав Пантелеј-Панче Кочовски.

Експонатите вклучуваат 32 големи постери и 15 оригинални плакати од концерти и настапи, над 60 паноа, над 200 селектирани уметнички фотографии, аудио и видео касети, ЦД и ДВД изданија, признанија, студиски снимки, концертни програми, сценографски документи и монографското издание.

Изложбата, со која се одбележуваат 65 години од основањето на славната група,  пред се, е посветена на починатите членови на „Мањифико”, сите извонредни музички ументици,  на чело со вокалниот солист и ѕвезда на ансамблот, Невенка Кочовска. Во чест на овој екслузивен настан, дел од репертоарот на легендарниот состав ќе отпеат Лидија и Тања Кочовски, наследничките на   Панче и Невенка.

„Последно што посакав е да оставам траен спомен на ансамблот преку експонати, сведоштва и фактографија и да ја запознаам македонската јавност со нив”, вели Панче Кочовски автор на изложбата и на монографијата.

Ансамблот „Мањифико” е основан во далечната 1959 година и во својата 31-годишна уметничка одисеја достигнува интернационална и интерконтинентална афирмација. На својот репертоар има над 320 композиции од Латинска Америка и Шпанија, од кои  над 220 на носачи на звук, 80-тина нумери за 30-тина  радио станици во поранешна Југославија и Европа, 28 мали музички плочи, 5 ЛП албуми, 4 аудиокасети, 2 ЦД и неколку ДВД изданија. Најголем дел од изданијата се продавани во златен и сребрен тираж.

 Во своето над 30-децениско постоење, ансамблот „Мањифико” има настапувано во над 42 земји ширум светот, вклучувајќи ги: Австрија, Италија, Русија, Турција, Индија, Египет, САД (Индијана, Калифорнија, Илиноис, Мичиген, Невада), Австралија, Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Шведска, Германија, Бугарија, и многу други. Изведени се околу 4300 концерти, со вкупна публика од над 8.700.000 посетители. Ансамблот учествувал и во театарски продукции, снимал музика за телевизија и филм, а во 16 ТВ студија низ Европа и СССР се снимени над 140 телевизиски емисии и блокови, со учество на бројни познати вокални солисти. Има настапувано и за југословенскиот претседател Тито, пред мексиканскиот претседател Лопез Матеоз, како и о победникот на  Сан Ремо Тони Далара. Иако главниот репертоар е составен од латиноамериканска музика, на интернационалните настапи „Мањифико” изведува и македонски и југословенски хитови како музичка идентификација на ансамблот и регионот. Истовремено, како познати филантропи, имаат одржано и преку 600 хуманитарни коцерти, меѓу кои и за земјотресот и поплавата во Скопје.

Покрај Невенка и Панче, дел од „Маифико” биле и врвните музичари Крсто Таушанов, Петар Галев, Димитар Томов, Јане Коџабашија, Хозе Свиличиќ, Владимир Нигојевиќ, Миле Барбаровски,  Коце Икономов, Миле Лукаров, Димитар Павловски и менаџерот Борис Низамовски. 

Поврзани вести