Skip to main content

Kaлас сега ќе ја спасува и Ерменија

Шефицата на европската дипломатија Каја Калас ја повика денеска Ерменија да ги заштити своите демократски вредности од руските „хибридни закани“, во услови на растечко отуѓување меѓу Ереван и Москва.

– Приврзаноста на Ерменија кон демократијата и слободата е основна. Овие вредности мора да се бранат, особено во време на дезинформации и странско мешање, изјави Калас по средбата со ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан.

Калас го поддржа нормализирањето на односите меѓу Ерменија и Азербејџан и најави ново партнерство со ЕУ и пакет за отпорност и развој вреден 270 милиони евра.

Откако Москва не ја поддржа Ерменија при офанзивата на Азербејџан во 2023 година, Ереван сè повеќе се приближува кон Западот, предизвикувајќи незадоволство во Кремљ.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, од Киргистан, ѝ порача на Ерменија да не се одвраќа од своите традиционални сојузници.

– Ако Ерменија се откаже од своите партнери и соседи, тоа нема да биде во интерес на ерменскиот народ, рече Лавров, додавајќи дека Москва не врши притисок, туку чека објаснувања.

Поврзани вести