Одговорност за сите злоупотреби ќе има, внатрешната ревизија е веќе почната и како ги добиваме извештаите ќе ги проследуваме до полицијата и Обвинителството, кои се надлежни да постапуваат, најавува директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски. Тој во интервјуто за „Република“ објаснува зошто е потребно да се купи нов владин авион и дека веќе нема јадење во рестранот на Владата по дисконтни цени.
Што се случува со владиниот авион кој постојано се расипува. Ќе мора ли да се купува нов?
Томовски: Владиниот авион го затекнавме таков каков што е. Тој е стар 20 години. Досега се потрошени над три милиони евра за сервисирање. Дефектите се многу чести и ако јас се прашувам, ако претендираме да бидеме сериозна држава ни треба државен авион кој ќе го користат сите министри, претседател на Собрание, на претседател на државата. Сега авионот е во возна состојба, променет е инструменот за мерење на издувни гасови. Овој авион е премал, има само шест седишта и не ги задоволува потребите за државата бидејќи кога се оди на некое патување се оди со цела делегација. Потребен ни е авион со 14 и повеќе седишта. Сѐ уште немаме проценка колку би чинел бидејќи за тоа е потребен консензус меѓу власта и опозицијата бидејќи тој ќе биде за државните потреби.
Томовски потсетува и на злоупотребите кои се правеле при користењето на ова летало.
Томовски: Најчесто го користел Маричиќ, Бујар Османи и поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери. Маричиќ сакаше авионот да го употреби до Ниш иако е побрзо и поекономично да отидете со автомобил. Класична злоупотреба имаше и од Џафери. Тој авионот од сервис во Нирнберг го врати во Македонија само поради неговите лични хирови. Иако тој се обиде да демантира јас го повикав Јавното обвинителство да провери.
Ќе има ли постапка за ова?
Томовски: Почнавме со ревизија. Се она што ќе го најдеме како злоупотреба ќе го предадеме во Јавното обвинителство, полицијата и финансиска полиција и тие се надлежни да постапуваат понатаму.
Томовски вели дека има поддршка од премиерот и од другите интитуции за промена на регистарските таблички на службените возила кои во иднина ќе бидат со цврвена и жолта боја и ќе бидат лесно воочливи за граѓаните кои ќе можат да ги пријават ако се користат надвор од работното време.
Томовски: За ова да се реализира потребна е промена на два клучни закони, за возила и за работи во општинска и државна сопственост. Практично ќе направиме еден регистар на возила за сите автомобили во државата и специјални таблици во боја. На последната владина седница го доставивме правилникот за таблиците до МВР и потпис на министерот. Потоа ќе биде потребен тендер за изработка на таблиците во боја, црвена позадина со жолти букви како македонското знаме. Ова не очекувам да трае повеќе од три месеци. Потоа ќе дадеме рок на сите институции од 30 до 60 дена да ги променат таблиците. Ќе отвориме и телефонски линии за граѓаните да пријавуваат. Секој граѓанин кога ќе увиди злоупотреба дека службено возило е забележано во Охрид или во Грција да го сликаат и да го пријават до службата.
Помина времето на евтино јадење и пиење во ресторанот на владата?
Томовски: Веднаш побаравме зголемување на цените. Од 15 проценти маржа ја кренавме цената на 50. Ако во 2020 година бифтекот чинел 210 денари сега е 730 денари. Мислам дека ова е соодветна цена. Овие услуги не ги користат само функционерите туку сите вработени во Владата и Собранието.
Се бара ли решниие и за оставените службени возила во депото на МТВ?
Томовски: Има околу 220 возила од 200 се хаварисани. Побаравме дозовола од владата возилата да бидат расходовани. Околу 50 возила ги ставивме во употреба, додека останатие ќе ги ставиме на продажба за да го исчистиме дворот.
Остаре ли и фамозниот „Мерцедес“ ?
Томовски: „Мерцедесот“ е набавен во 2012 годинa. Претходната власт го користела многу често, го користиме и ние. Покрај владин авион мораме да имаме и вакви возила. Ни доаѓаат делегации за кои треба вакви возила. Кога доаѓаат вакви возила јас го пуштам во употреба и го користиме. Но, морам да кажам дека премиерот не го искористил никогаш.
Првиот човек на СОЗР за првпат открива за катастрофалната состојба во која се наоѓаат државните вили во Лазарополе и Охрид.
Томовски: Вилите се во многу лоша состојба. Морам да кажам дека сите вили, освен таа во Лазарополе немаат имотен лист. Почнавме постапка за легализација за да можеме да ги легализираме.Тоа се објекти од А категорија и за да се легализираат мора да имаат имотен лист. Вилите во Охрид, претседателската и премиерска се во многу лоша состојба, а таа во Лазарополе е неупотреблива и е пред распаѓање. Ветивме дека сите овие вили ќе ги реновираме и ќе ги ставиме во употреба без разлика дали ќе се користат како владин објект или ќе ги рентаме и ќе наплаќаме закупнина. Како држава мора целиот државен имот да биде репрезентативен а не каков што сега.
Во каква состојба е комплекот „Македонско село“?
Томовски: Тој се отвори во 2016 година, а се затвори во 2019 година. За неговото нефункционирање досега се потрошени околу 20 милиони денари. Ветивме дека ќе го пуштиме и постапката е во процедура. Повторно ќе го дадеме на приватник да го работи бидејќи ние како држава не можеме да го сервисираме. Проценката е готова. До крајот на годината ќе го објавиме огласот и ќе може да се пријават сите заинтересирани. Сакаме да оставиме период до мај следната година закупецот да може да го реновира бидејќи комплексот со времето се распаѓа.
Што се случува со објектот на стара Комерцијална банка кој го зафати пожар пред неколку години. Почната е постапката за нејзино реновирање?
Томовски: Имаше оглас за реновирање. Кога се реновира се објавува тендер за реновирање. Проектантите кои го изведувале проектот не се влезени внатре да утврдат фактичка состојба туку дома си правеле проект. Па така ако треба да најдете скали ќе најдете лифт. Проектот е комплетно промашен. Би биле среќни ако со 20 проценти анекс успееме да го завршиме овој проект. Планот е до февруари-март поголемиот дел од објектот да го ставиме во употреба.
Ќе има пари за сите најавени проекти ако се знае во каква состојба е буџетот?
Томовски: За некои проекти нема да бидат потребни големи средства. Еве конкретно за вилата во Свети Стефан кога отидовме да направиме увид не можевме да влеземе, беше обраснато како во џунгла. Го исчистивме дворот од сопствени средства.
Ќе има ли одоговорност за сите злоупотреби? Највавите и промени во тендерската постапка во вашата Служба.
Томовски: Сите актуелни и идни тендери што ќе ги објавуваме како Служба ги олеснуваме условите за нивно конкурирање. На пример кога набавуваме колонијални производи за нашите ресторани во минатото тендерот чинел шест милиони денари, а нашиот кој го спроведовме е три и пол милиони. Од старт сме заштедиле два и пол милиони денари. Значи можело и со помалку. Друг случај е со набавка на хартија која што била за два милиони денари, а сега е 930.000 денари. Сите тендери кои ги објавуваме ги олеснуваме условите и со тоа ја зголемуваме конкуренцијата а ја намалуваме цената.Ние како служба почнавме да си правиме ревизија. Како добиваме ревизорски извештаи од нашите внатрешни ревизори така предаваме до финансиска полиција, полицијата и обвинителството. Тоа се институцијата кои треба да постапат и народот да види дека имало злоупотреби. По тие злоупотреби се постапува. Одговорност ќе има.