Skip to main content

НОМАГАС и Србијагас потпишаа Меморандум за соработка за изградбата на интерконекторот за природен гас

АД за пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост и Србијагас најавуваат забрзување на реализацијата на проектот за изградба на интерконектор за природен гас помеѓу Македонија – Србија.

Директорите на НОМАГАС Мухамед Елмази и на Србија гас Душан Бајатовиќ вчера во Белград потпишале Меморандум за соработка помеѓу со кој двете страни ја потврдиле цврстата заложба за унапредување на билатералната соработка и забрзување на реализацијата на проектот за изградба на интерконекторот.

Овој стратешки проект, од особено значење за двете држави, ќе придонесе за зајакнување на енергетската безбедност во регионот, унапредување на енергетската транзиција и диверзификација на правците на снабдување, поефикасно балансирање на понудата и побарувачката на природен гас, како и интеграција на регионалните гасни пазари, објави Елмази на Фејсбук.

Интерконекторот ќе ги поврзе системите за пренос на природен гас на двете земји преку гасовод со должина од околу 70 километри – 47 километри на територија на Србија и 23 километри на територија на Македонија. Поврзувањето ќе се реализира од градовите Клечовце и Врање, при што во рамки на проектот се предвидува изградба на главна мерна станица на македонска територија и контролна мерна станица на српска страна.

Елмази информира дека во тек е изработка на Студија за изводливост и проценка на влијанието врз животната средина, поддржано од Инвестициската рамка за Западен Балкан (Western Balkan Investment Fond/ WBIF)

Потпишувањето на овој Меморандум претставува значаен чекор кон продлабочување на регионалната енергетска соработка и ја потврдува заедничката визија на двете земји за развој на сигурен, стабилен и интегриран пазар на природен гас во Југоисточна Европа, наведува директорот на НОМАГАС.