
Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани вечер од 18.30 часот ќе настапи во Македонскиот културно-информативен центар во Софија со концерт „Од Вевчани до Софија: македонска култура и традиција во ритам“.
Преку македонскиот ритам од западна и источна Македонија, КУД „Дримкол“ ќе ја претстави и промовира културата и традицијата на својата земја пред публиката во Софија. Целовечерниот концерт ќе ја презентира содржината на песни и ора изведени од фолклорниот ансамбл, со традиционален оркестар во живо и автентични македонски народни носии. Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ со богатата изворна народна носија, изворните инструменти, изворните кореографии од вевчанското поднебје е ансамбл еден и единствен, различен од сите други во Македонија, соопшти МКИЦ во Софија.
КУД „Дримкол“ ја презентирал македонската фолклорна традиција на многубројни настани и фестивали низ светот. Неговите почетоци датираат од 1947 година, кога првпат во Вевчани била формирана играорна група која учествувала на свечености за 11 Октомври во Битола и Штип.
Оттогаш традицијата се негува со силен ентузијазам од многу вевчанци: ученици, младинци, како и учители и педагози кои работат со играорната група, а веќе во 1973 година ваквата играорна традиција добива и правна форма – прво под името „Печалбар”, а потоа се преименува во „Дримкол”. Денес во КУД „Дримкол“ од Вевчани работат неколку организациски форми: Фолклорниот ансамбал во чии рамки влегуваат првиот состав, детските фолклорни групи, составот на ветерани и оркестарот на традиционални и современи народни инструменти; Пејачката група „Каданка” и Патувачкиот театар „Поклони се и падни”, наведува организаторот на концертот.