Skip to main content

Викендов навиваме за македонските одбојкари

Македонската машка одбојкарска репрезентација овој викенд во Струмица го игра последниот турнир од годинешното издание во ЦЕВ Европската Златна лига.

По четири одиграни натпревари Македонија има скор од една победа и три порази, но и одбојкарите и стручниот штаб потенцираат дека од натпревар во натпревар екипата игра сè подобро и се очекува во најдобро светло да се покажат пред домашната публика.

„Лично сметам дека на турнирот во Струмица ќе покажеме најдобра одбојка. Играњето пред домашна публика секогаш носи посебен мотив и инспирација, а и веќе имаме четири официјални и два пријателски натпревари зад нас во овој циклус и од натпревар во натпревар растеме во формата. Репрезентацијата се подмладува, селекторот дава шанса и на играчи кои претходно имале помала минутажа и за нас е најважно дека целиот тој процес оди добро“, изјави репрезентативецот Александар Љафтов во изјава за официјалниот сајт на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

Македонските одбојкари од 20 до 22 јуни во салата Парк во Струмица ги очекуваат дуели со еден од фаворитите за пласман на фајналфорот Израел, како и селекцијата на Црна Гора.

„Посакувам две победи на последниот турнир во Струмица. Ќе имаме проблеми со Израел. Тие немаат пораз досега и се борат за место на Ф4. Ние играме пред празни трибини и ќе биде тешко, минус е за нас отсуството на публиката. Што се однесува до Црна Гора, оптимист сум и размислувам позитивно и убаво би било победнички да се одјавиме од годинешното натпреварување. Најважно е дека атмосферата во екипата е одлична и верувам дека тоа ќе го пренесеме и на теренот, а моите струмичани ги замолувам во што поголем број да дојдат в недела во салата ’Парк‘ и да ја поддржат репрезентацијата.“, посочи Љафтов