Skip to main content

Во болницата во Кочани пристигнаа компресивните ракавици за повредените од дискотеката „Пулс“, земени се мерки за изработка на компресивни маски за врат и лице

Во Општата болница во Кочани пристигнаа компресивните ракавици за повредените од катастрофланиот пожар во дискотеката „Пулс“ која работела со фалсификувана дозвола. Овие компресивни ракавици се чекор во нивното закрепнување. Со помош на најсовремена технологија за 3Д-сканирање, вчера во Кочани се земале прецизни мерки за изработка на компресивни маски за врат и лице, кои ќе бидат изработени во Германија, објави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравство (ФЗО).

На 16 март во пожарот кој изби во дискотеката во Кочани загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.

Иако на прв поглед овие активности може да изгледаат едноставно, тие се резултат на здружени напори. Во Македонија, за жал, не постои соодветен материјал за компресивните ракавици. Но, благодарение на домашна компанија и нејзините меѓународни партнери, беше пронајдено решение. Секоја ракавица е изработена поединечно, со прецизни мерки земени за секој повреден – буквално за секој прст! Денес започна нивната дистрибуција, заедно со обука за правилна употреба, што е уште еден доказ за грижата и вниманието. Првата пратка е обезбедена со поддршка на граѓанска организација, објави Клековски.

Клековски вчера бил во придружба на министерот за здравство, Азир Алиу, во неговата посета на Општата болница во Кочани, каде што се сретнале со директорката, д-р Катерина Мирчоска.

Таму, во атмосфера исполнета со емоции, министерот се сретна со повредените, разговарајќи за предизвиците во нивниот третман и искажувајќи искрена поддршка. Со своето присуство, тој ја потврди целосната посветеност на Владата за грижата на повредените. Ова беше првата посета на министерот надвор од Скопје, што недвосмислено ги истакнува приоритетите на Министерство за здравство и на Владата на Македонија – грижа за повредените во трагедијата во Кочани. Во текот на денот, министерот оствари и средби со граѓански организации кои работат за поддршка на повредените, вели Клековски.

Директорот на ФЗО се сретнал со две храбри девојки, првите пренесени во болницата „Папаниколау“ во Солун. Едната од нив се врати во земјата пред десетина дена, а нивната сила и надеж оставаат длабок впечаток.

Нашата посветеност кон нив, како и кон сите повредени, останува непроменета – иста како во првите часови по трагедијата, и подеднакво цврста за иднината, заврши Клековски.

Поврзани вести