Skip to main content

Трaмп испрати 2.000 војници од Националната гарда во Калифорнија по судирите со демонстранти

Facebook/Donald J. Trump
Facebook/Donald J. Trump

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди распоредување на 2.000 припадници на Националната гарда во Лос Анџелес и Калифорнија, поради жестоки судири меѓу демонстранти и имиграциски власти.

Судирите следеа по протести против масовните апсења на илегални мигранти. „Претседателот потпиша меморандум со кој се осигурува безбедност од анархијата што други дозволија да се прошири“, соопшти портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

Според Министерството за внатрешна безбедност, околу 1.000 демонстранти во петокот нападнале агенти од имиграциските служби. Неколку лица се уапсени под сомнение за напад врз федерални службеници.

Во изјавата од Белата куќа се наведува дека операциите на имиграциските служби се „критични за запирање на инвазијата од криминалци без документи“. „Неспособните демократски лидери во Калифорнија се откажаа од одговорноста да ги заштитат своите граѓани“, се додава во соопштението.

Министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека армијата е подготвена да испрати маринци од базата „Кемп Пенделтон“ доколку насилството продолжи.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, кој често е критикуван од Трамп, оцени дека испраќањето војска претставува „долевање масло на оган“.

Во Парамаунт, предградие со доминантно шпанско население, демонстранти и агенти повторно се судрија. Неколкумина се уапсени, а американското знаме беше запалено.

Демонстрантите нападнале полициски возила и фрлале предмети, додека властите користеле солзавец и шок-бомби.

Поврзани вести