Skip to main content

Се сослушуваат законските застапници на жртвите во пожарот во „Пулс”

Денеска официјално започнаа сослушувањата на законските застапници на сите жртви од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Процедурата се спроведува со утврдена динамика во надлежните обвинителства во Кочани, Штип и Скопје.

Сослушувањата се дел од истражната постапка за расветлување на настанот, а се одвиваат согласно распоред кој беше координиран директно со семејствата на жртвите и во соработка со граѓанската организација „Support Kocani“, која активно им помага на погодените семејства.

Во трагичниот пожар што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година животот го загубија 62 лица, а околу 200 беа повредени. Несреќата остави длабоки траги во целата земја и покрена обемна истрага од страна на надлежните институции.


Според најновите информации, во досегашниот тек на истражната постапка се осомничени 45 физички и три правни лица. Осомничените се поврзуваат со различни нивоа на одговорност – од безбедносни пропусти до евентуална институционална негрижа.

Дополнително, дел од предметот кој се однесува на полициските службеници кои се осомничени за несоодветно постапување или пропусти во службата, го води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Поврзани вести