
Во рамките на обележувањето на Осумдесетгодишнината од кодификацијата на македонскиот јазик, во вторник на 27 мај, во 11 часот, во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ќе бидат промовирани 3 книги, изданија на „Бата прес“: првиот том од „Правописно-нормативен речник на македонскиот јазик“ од група универзитетски професори, „Јазично огледало, 1“ од универзитетскиот професор Васил Дрвошанов и „За лексиката на македонските автори“ од универзитетските професори Елена Јованова-Грујовска и Весна Костовска.
Автори и редактори на правописно-нормативниот речник се универзитетските професори: Лидија Аризанковска, Елизабета Бандиловска, Снежана Велковска, Виолета Јанушева, Елена Јованова-Грујовска, Искра Пановска-Димкова, Симон Саздов и Људмил Спасов. (Авторите-редактори се наведени според азбучниот ред на презимињата). Речникот ќе го промовираат универзитетските професори Весна Костовска и Татјана Гочкова-Стојановска.
Книгата од универзитетскиот професор Васил Дрвошанов, „Јазично огледало, 1“, ќе ја промовира рецензентката, универзитетска професорка Олга Додевска-Михајловска, а книгата „За лексиката на македонските автори“ од универзитетските професорки Елена Јованова-Грујовска и Весна Костовска ќе ја промовира универзитетската професорка Елизабета Бандиловска.
Издавачката куќа „Бата прес“ во соработка со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, изминативе дваесеттина години објави преку 30 значајни дела од автори македонисти, како и од нашите сонародници во Албанија и има три посебни едиции: „Лексикографски изданија“, „Лингвистика“ и „Критика и ееистика“ во кои ги објавува овие книги.