
Марија Митева, портпаролка на Владата и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, гостуваше во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа. Таа говореше за актуелната ситуација околу излегувањето на Арбен Таравари од Владата и посочи дека оваа Владата е посветена на реформи и нема да учествува во задкулисните игри и политичките калкулации и пресметки. Митева додаде дека некој кој не се согласува со принципите на оваа Влада, истиот не е добредојден, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е сосема стабилна и продолжува да работи посветено за граѓаните.
Во минатото плафон беше 61 пратеник за да се одржи власт. Задкулисните игри некако во валути се броеја, така функционираа коалициите и во минатите влади. Некако успеаја макотрпно со такви некои калкулации политички да се задржат и тоа време заврши. Тоа јасно го кажавме и во предизборието и го покажавме на дело. Ние ќе го напуштиме тој принцип, ние ќе одиме на принцип на она што значи навистина програмска определба – вели Митева.
Во однос на оставката на министерот за здравство и неговото излегување од Владата, Арбен Таравари, таа додаде дека доколку некој кој одлучил да оди спротивно на принципите на Владата, повеќе не е добредојден во истата.
Вие сте се согласиле за тоа и сте биле добредојден партнер во Владата во моментот кога сте одлучиле дека ќе одите спротивно на овој принцип тогаш вие не сте веќе добредојден. Владата е и повеќе од стабилна, тие го одбираат патот на неуспехот, не патот на напредокот и реформите продолжуваме уште посветено – изјави Митева.
Митева посочи дека во Собранието веќе постои пратеничка група на Вреди која има и координатор, а многумина од партијата Алијанса за албанците не поднесоа оставки.
Во првиот момент кога најавувате оставка, доколку ве следат луѓето и веруваат во идејата, веќе следниот ден ќе ги имате првите чекори. Денови и денови поминаа, ние немаме чекори на луѓе кои што поднесуваат оставки. Да има такви кои што тоа го прават, меѓутоа се малкумина – истакна Митева.
Митева додаде дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и понатаму останува посветена на реформи, а граѓаните знаат да проценат дека треба да ја дадат поддршката на оние кои што ги прават реформите.
Ќе останеме посветени на реформи а повторно ќе кажам ваквиот чекор сум сигурна дека е осуден на неуспех, иако нивната калкулација е дека можеби на локалните избори ќе имаат некој советник повеќе или некој градоначалник повеќе. Граѓаните се доволно мудри да осудат еден ваков чин и да проценат дека не секогаш треба да ја дадат поддршката за оние кои што зборуваат за реформи туку за оние кои што ги прават реформите – заклучи Митева.