
Не би смеело да се проблематизираат одлуките кои ги има донесено уставната судијка Елизабета Дуковска изминативе две години, меѓутоа не може да остане во Уставниот суд личност која што е избрана на неуставен, дури ако сакате и незаконски начин, оцени денеска претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова на промоцијата на „Родова самопроценка и Родовиот акциски план 2024-2028“ на Министерството за одбрана и Армијата.
На новинарско прашање во врска со одлуката на Управниот суд за поништување на изборот на уставната судијка Дуковска, претседателката вели „каков е тој натпревар доколку имате повеќе кандидати, а некој си одлучи дека завршена е битката уште пред правната да почне“.
Вчера дискутиравме со колега, врвен експерт од нашата област, грчки професор, тој вели како и нашата колешка Ана Павлова – Данева дека сега не би смеело да се проблематизираат одлуките, меѓутоа не може да остане во Уставниот суд личност која што е избрана на неуставен, дури ако сакате и незаконски начин. Каков е тој натпревар ако имате повеќе кандидати, а некој си одлучи дека завршена е битката уште пред правната да почне. Тие се опомените што нас нè тераат системот да го промислиме навистина ако сакаме Уставен суд којшто ќе биде противтежа на трите власти. Ова е лекција и за пратениците, бидејќи тие ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено убедување, но во политиката во границите на правото. Таква не беше таа, заклучи Сиљановска – Давкова.
Посочи дека уште од позиција на пратеник од редовите на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ го критикувала изборот на Дуковска, бидејќи бил спротивен на Уставот.
Ве упатувам да го најдете сценограмот од седницата и да видите што зборував и на што укажував, дека тоа е спротивно на Уставот, дека мора да има еднаквост на шансите во натпреварот, дека не може вие да ги анулирате другите кандидати, меѓутоа во таа атмосфера аргументите не врвеа. Претседателот на Собранието со мнозинството се договори, нашите предупредувања се одбиваа во ѕид, ни ехо немаше големо и резултатот еве дојде. Затоа велам дека во Уставниот суд, иако седат мои повеќе колеги и колешки, без оглед на партиска блискост или симпатија, тоа ќе се одрази на процесот на одлучување, рече претседателката.