Skip to main content

Возрасни кои не завршиле средно ќе може да се образуваат во Средното електро-машинско училиште во Штип

Нови профили за возрасни ќе бидат дел од наставната програма во Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“- Штип, од 1 септември, од кога ова училиште преминува во државно училиште. Директорката на СОУ „Коле Нехтенин“-Штип, Јованка Шалева денеска изјави дека  со средства од  Министерството за образование и наука ќе се работи и на подобрување на инфраструктурата, опремување на кабинетите и збогатување на практичната настава. Таа вели на ваков начин ќе се зголеми уште повеќе интересот за запишување во ова училиште.

Од 1 септември нашето општинско училиште поминува во државно – регионален Центар за стручно образование и обука. Тоа значи дека големи средства ќе се имплементираат и вклучат во нашето училиште во вид на подобрување на инфраструктурата, но и во опремување на кабинетите и збогатување на практичната настава. Воведуваме и профили во неформалното образование или образованието за возрасни, изјави Шалева.

Таа додаде дека возрасни кои од разни причини не завршиле соодветно средно образование ќе имаат можност тоа да го направат и да имаат своја професија во иднина. Со станување на  државно училиште ќе се зголеми и бројот на средношколци од регионот, но и од државата.

Насоките кои ќе бидат во однос на возрасните се направени врз база на добра анализа на пазарот на трудот, ќе бидат монтер за инсталација на електрични мрежи и инсталација на електрични системи од електроструката и бравар и заварувач од машинството, вели Шалева.

Средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“е едно од осумтте училишта во државата кое од средни општински преминуваат во регионален ценатар за стурчно образование и обука

Поврзани вести