
„Облачиња со сини очиња“ е најновото творечко дело со поезија за деца на писателката Ели Маказлиева во која на 120 страници се сместени илјадници стихови во над 100 песни за деца. Ова е нејзино петто дело – збирка поетски творби од едицијата „Поезија за деца“, после четирите претходни стихозбирки: Разиграни Чадорчиња, Пчелки на ролерки, Весели вагони низ четири сезони и Чудесен дар во годишен календар.
Песните се произлез на врската меѓу децата, детското опкружување и природата, прекрасен спој на мислата и зборот на авторката, спонтано обликувани стихови чија цел е да се доближат природата, природните убавини и појави до детските срца, да пренесат пораки на почит, сакање и вреднување, но и да се насочат децата кон градење вистински, правилен однос кон светот што ги опкружува, имајќи го предвид фактот дека токму децата се негови наследници, идни создавачи и двигатели во светот што постојано се менува. Книгата е мозаик од песни наменети за децата од предучилишна и рана училишна возраст. Тие се лесни, приемчиви, ведри, стилско инвентивни и имаат осмислена концепција со актуелни, современи теми, во духот на современото растење на детето.
Детето читајќи ги песните истовремено се едуцира, се воспитува, учи да рецитира, учи нови зборови, ги развива јазичните вештини и култура на говорот. Песните лесно се помнат и често се повторуваат благодарејќи на логичните, лесни и вешти рими и певливост на стихот со неверојатен ритам. Во воведното обраќање авторката харизматично ги споредува песните со облачињата, како што впрочем е и ведриот и детски наслов на книгата „…песните како да се облачиња од кои излегуваат стихови како златни капки дожд во есен, како свилени бели снегулки в зима, како топло ветре што гали во пролет и како сончеви зраци в лето“. За да продолжи во воведната песна споредувајќи ги своите песни со изворчиња, поточиња, бисерчиња, букетчиња, ѕвончиња….
Промоцијата е закажана за во понеделник (12 мај), во 11.00 часот, а настап ќе имаат децата од детските градинки „Ангел Шајче“ од Куманово и „Срничка“ од Општина Аеродром Скопје. Промотори се: проф. д-р Елизабета Бандиловска и Билјана Чунгурски.