Skip to main content

Грција многу ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ

Поддршката на Грција за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, ја повтори шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, при неговото пристигнување на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Варшава, јави дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа што на неформалниот состанок присутни се и министрите за надворешни работи на земјите кандидатки за членство, Герапетритис се осврна и на интеграцијата на регионот во Унијата.

– Грција отсекогаш беше активна сила, забрзувачка сила во интеграцијата на Западен Балкан во европското семејство. Ќе продолжиме да бидеме поддржувачи на овој напор. Важно е да разјасниме дека останува ставот дека за некои од принципите на Европската Унија, на европското семејство, не се преговара, а тоа се посветеноста на меѓународното право, посветеноста на владеењето на правото, почитувањето на принципите на демократијата, нагласи Герапетритис.

Дополнително, шефот на грчката дипломатија посочи дека состанокот е во исклучително критичен момент за стратешката автономија на Европската Унија, „која треба да ги развие своите одбранбени капацитети, да го зајакне својот меѓународен отпечаток, за да може да има многу силна позиција во светот во тешките времиња“.

Додаде дека 80 години по завршувањето на Втората светска војна можеби „се наоѓаме во најлошиот момент во светот“ и се осврна на војната во Украина, ситуацијата во Газа, конфликт меѓу Индија и Пакистан итн. и истакна дека неопходно е и во Европската Унија и во светот да останат активни лекциите од Втората светска војна.

На неформалниот состанок во Варшава, освен министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ, учествуваат и шефовите на дипломатиите на државите кандидати и потенцијални кандидати, меѓу кои и министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. 

Поврзани вести