
На синоќешниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува“, гостуваше директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Клековски. Тој говореше за ситуацијата во здравството, за лошото менаџирање на претходните власти и за предизвиците со кои сега се соочуваат. Клековски потенцираше дека новите апарати кои се купувале во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, во време на СДС стоеле во подрум и не се употребувале, додека во одредени градови се користат апарати од 1985 година.
„Состојбата во здравството била во надолна линија и затоа за мене звучеше прилично вознемирувачки понудата на СДС да помагаат на состојбите во здравството, за да потоа не го ни спомнуваат здравството. Здравството ни е таму каде што ни е, поради лошо чинење или не чинење, на претходните власти’’, истакна Клековски.
Клековски истакна дека финансирањето и долговите биле проблем во минатото, бидејќи од Буџетот не доволно се давало на здравството, а долговите се наталожувале. Долговите во ЈЗУ, биле околу 5 милијарди, за со ребалансот да се намалат за 2 милијарди.
„Буџетот за 2025 година е зголемен за 7 милијарди денари и изнесува вкупно 53 милијарди денари. Ова зголемување во огромен дел оди за ЈЗУ, од кои над 2 милијарди денари или околу 17%, кумулативно оди за зголемување на платите. Околу милијарда денари одат за зголемување на капитациите во примарното здравство’’, потенцираше Клековски.
Директорот на ФЗОМ, говореше и за Буџетот за лекување во странство, во однос на тоа кој го одобрува, како се финансира и која е процедурата за одреден пациент доколку има потреба да се лекува во странство.
„Лекувањето во странство се врши доколку се исцрпени можностите за лекување во Македонија и ова се поминува во неколку фази. Прво, јавното здравство треба да декларира дека не постојат можности за лекување на тој пациент во Македонија, а тоа е Клиничкиот центар кој треба да даде конзилијарно мислење потпишано од неколку овластени лица. Во следната фаза, одиме кон приватното здравство дали има услови за вршење на услугата, доколку и таму нема можност, се оди кон следната фаза, барање на понуди од странство. Да потенцирам, доколку има конзилијарно мислење, Фондот не одбива лекување на пациент во странство’’, појасни Клековски.