Skip to main content

Успешна ликовна изложба на „Мал битолски Монмартр“ во Трабзон

ДЛС „Св. Кирил и Методиј“-Битола

Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола успешно се претстави на ликовна изложба „Децата на светот во Трабзон” што се одржа во истоимениот турски град Трабзон.

Турција како прва земја во светот која го прославува „Денот на детето“ како национален празник, приреди бројни настани, а на покана на гувернерот на Трабзон, во координација на Покраинскиот директорат за култура и туризам како и во соработка со уметничкиот едукатор професор Вејсел Аџар, од 22 до 29 април приредив изложба во Државната галерија за ликовни уметности, изјави за МИА, Славчо Неделковски, еден од менаџерите на ДЛС „Св. Кирил и Методиј“-Битола.

-Изложбата за отворена ја прогласи градоначалникот на Општина Трабзон Ортахисар господинот Ахмет Каја. Ние благодарници и цртежи за соработката освен на господинот Каја доделеивме и на градоначалникот на градот Трабзон и гувернерот на регионот Трабзон. Публиката беше одушевена од 70 ликовни дела избрани од ликовната колонија „Мал битолски Монмартр“, но и со податокот за традицијата што нашиот град ја негува кон Мустафа Кемал Ататурк, посочи Неделковски по враќањето во Битола.

Избрани ликовни дела од „Мал битолски Монмартр“ по втор пат се изложуваат во Трабзон, град кој има намера да организира колонија налик на битолската, истакна претседателката на ДЛС „Св. Кирил и Методиј“-Битола, Елена Хаџи Антоновска.

-Во Трабзон наш голем пријател и 21 година континуиран гостин во Битола е професорот Вејсел Аџар. Неговото ателје годинава е носител на најголемата награда Гран При за 2025 година за светскиот детски ликовен конкурс „Битола 2025” . Аџар со своите ученици овој месец, на 23 мај лично во нашиот град ќе го подигнат признанието, истакна Хаџи Антоновска.

Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола денеска ги почна завршните подготовки пред најновото издание на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“. мт/дма/

Поврзани вести