Skip to main content

Прекинот на струјата во Португалија може да биде и поради кибер-напад, можно е да нема струја една недела

Фрипик

Прекинот на струја во големи делови на Португалија предизвика бројни проблеми, а како што соопшти Националната енергетска мрежа (РЕН), целосна нормализација во снабдувањето со струја би можела да трае до седум дена поради сложеноста на проблемот.

Компанијата соопшти дека до прекинот на струја дошло поради дефект на шпанската електроенергетска мрежа, кој е поврзан со „редок атмосферски феномен“, а заменик-министерот за територијална кохезија Мануел Кастро Алмеида смета дека прекинот на струја би можел да биде последица на кибер-напад, пренесува португалскиот портал „Утрински вести“ (Correio da Manha).

Со оглед на тековните проблеми со мрежата, прогнозата за обновување на струјата останува неодредена и може да се продолжи, се наведува во соопштението на операторот со мрежата за дистрибуција на електрична енергија во континентална Португалија.

Поради прекинот на струја затворени се супермаркети, кафулиња и ресторани, а отежнато е и користењето на платежни картички и се создадоа огромни редици на банкоматите.

Аптеките работат со проблеми или не работат, додека болниците и аеродромите преминаа на работа со генератори.

Метрото во Лисабон е во прекин, во сообраќајот владее хаос бидејќи не работат семафорите, наведува порталот.

Судовите се отворени само за итни случаи, рекол извор од Министерството за правда.

Официјалните лица предупредуваат дека прекинот на струја може да влијае на водоснабдувањето и ги повикуваат граѓаните рационално да користат вода.

Високообразовните установи ја прекинаа наставата и активностите.

Владата на Португалија соопшти дека се надева дека ситуацијата ќе се регулира во текот на денот.

Поврзани вести