Skip to main content

Сиљановска Давкова на погребот на папата се ракуваше со Трамп и Меланија: Голема чест ми беше да учествувам во церемонијата

Facebook/Gordana Siljanovska Davkova

На погребната миса посветена на папата Франциск, присуствуваше и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. Таа објави фотографии на кои се ракува со американскиот претседател Доналд Трамп и првата дама на САД, Меланија Трамп.

Пред околу 200.000 верници и почитувачи на народниот папа, религиозни лидери, претставници на кралски семејства, шефови на држави, премиери и државни делегации се одвиваа бројни црковни церемонии.

Голема чест ми беше да учествувам во церемонијата на оддавање немерлива почит и во испраќањето на папата Франциск во вечниот дом. Неспорно е дека овој скромен човечки џин го обележа векот, храбро чекорејќи по патиштата на милоста, добрината и човечноста. Си замина со љубов и солзи во базиликата Санта Марија Маџоре, откако го собра и обедини целиот свет, сиот народ, сите верници и верски великодостоинственици, државници, носители на највисоки функции.

Неговите дела совршено соодветствуваа на неговите зборови и ставови. Пaпата Франциск го вложи сиот свој духовен капацитет и морален интегритет во решавањето на проблемите на обичните луѓе, но и глобалните проблеми и уживаше огромна почит од сите категории луѓе, од најсиромашните, до најбогатите и најмоќните.

За време на неговата историска посета на Скопје, папата Франциск нè охрабри нас, македонските граѓани да опстоиме на својот посебен историски, национален и културен пат, неразделен од европскиот, изразувајќи ни разбирање, симпатија и поддршка“ напиша Сиљановска Давкова на Фејсбук.

Поврзани вести