Skip to main content

Ристески: Мерките со ограничени маржи на производите кои истекуваат на 30 април дадоа ефекти

Двете одлуки кои ги донесе Владата за ограничување на бруто профитните маржи кои овојпат беа скалести, 5, 10 и 15 проценти, според информациите од Државниот завод за статистика дадоа добри ефекти. Задоволни сме како Влада, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд при денешниот престој во ТИРЗ-Прилеп, одговарајќи на новинарско прашање за ефектите од мерката која завршува на крајот на овој месец.

-Пред сѐ, имавме дефлација во март во однос на февруари за 1,3 проценти, а имаше и намалување на трошоците за храна и пијалаци од околу 3 проценти во март во однос на февруари. Крајните резултати ќе ги имаме по завршување на мерката, по крајот на април. Со официјалните податоци од Државниот завод за статистика ќе знаеме точно колку оваа мерка дала заштеда за македонското семејство во однос на трошоците за основните прехранбени продукти. Од тие податоци и од однесувањето на трговците ќе завциси какви и дали ќе има други мерки во иднина, изјави Ристески.

Преку казните изречени од државниот пазарен инспекторат се собраа преку 3 милиона денари, а до крајот на мерката, до 30 април остануваат и контролите на инспекцијата.– Во овој период се направени преку 600 инспекциски контроли во трговијата на мало и на големо. Беа затворени осум објекти, претежно беа увозници на овошје и на зеленчук кои се обидоа да ја изиграат мерката. Контролите ќе траат до крајот на спроведувањето на мерката, до 30 април. Онаму каде ќе бидат утврдени неправилности, ќе бидат санкционирани со казни, а казните се од 500 до 10.000 евра, а и можност за затворање на одредени објекти до 15 дена, рече Ристески.

Според заменик министерот за економија Марјан Ристески, доколку понатаму трговците не го почитуваат животниот стандард на граѓаните, Владата е подготвена да воведе нови мерки.

Поврзани вести