
Задача и должност ни е да ја вратиме довербата во институциите и честа на системот, дециден е директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев по најновата спроведена акција.
-Во текот на вчерашниот ден, успешно реализиравме нов случај на незаконско, коруптивно и несовесно работење од страна на лица од здравствениот сектор и други приватни дејности. Откривме мрежа составена од поединци кои со години ја злоупотребувале јавната служба, без морал и достоинство, преку фалсификување документи, дијагнози, мислења и вештачења. На тој начин, овозможиле луѓе кои не ги исполнувале условите да добијат државна помош – било тоа за исплата на парични средства за туѓа нега или инвалидска пензија. Без никаква емпатија кон вистински загрозените категории на граѓани со реални проблеми и исправна документација, овие лица ги злоупотребувале јавните фондови. Парите од буџетот на државата, кои се генерирани преку трудот и даноците на чесните граѓани на Македонија, завршиле во раце на оние кои не ги заслужувале, додека самите членови на мрежата се збогатувале на штета на сите нас, нагласува Јанев.
Како прв човек на БЈБ, заедно со мојот тим и со сите чесни полициски службеници, продолжуваме да се бориме против секаков вид на криминал кој ја разединува државата одвнатре, истакнува директорот.
-Нашата порака е едноставна и јасна: Криминалот не е исплатлив. Секој оној што ќе се огреши ќе одговара пред правдата. Ќе продолжиме да ја чистиме државата од овие штетни појави и ќе обезбедиме сигурна и правична иднина за сите, вели Јанев.