Skip to main content

Божиновска: Технолошкиот развој бара партнери – Македонија и Чешка ги продлабочуваат енергетските и технолошките врски

Технолошкиот развој е клучот за иднината, а меѓународните партнерства се силата што го движи напредокот. Денешниот Енергетско-технолошки форум, организиран од Амбасадата на Чешка во Скопје, беше јасна потврда за тоа, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

На форумот присуствуваа вицепремиерот Изет Меџити, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва. Како што истакнуваат од МЕРМС, настанот претставуваше значајна платформа за размена на идеи, искуства и иницирање нови соработки меѓу Чешка и Македонија во областа на енергетиката, технологијата и економскиот развој.

Во фокусот беа теми како што се зелената транзиција, обновливите извори на енергија, дигитализацијата и технолошките иновации.

Дадовме силна поддршка за нови партнерства меѓу институциите, бизнис-секторот и експертите од двете земји. Чешка денес има модерни електрани, експерти што може да ни помогнат – Од енергија до дигитализација – имаме многу што да споделиме, но уште повеќе што да изградиме заедно, истакна Божиновска.

Во рамки на форумот се одржаа и презентации на чешки компании специјализирани во областа на рударството, енергетиката и машинската индустрија. Посебен акцент беше ставен на технолошките решенија за обновливи извори, дигитална контрола на индустриски системи и модерна опрема за производство на енергија и обработка на суровини.

Форумот беше организиран со поддршка на Министерството за надворешни работи и Министерството за индустрија и трговија на Чешка, како и здружението Czech Extraction and Mining Technology.

Само преку координација на идеи, ресурси и визии можеме успешно да се справиме со енергетските предизвици и да напредуваме на технолошки план, беше заедничкиот заклучок на учесниците.

Поврзани вести