Skip to main content

„The world of interiors“ објави фотографии од МОБ: Освен што е храм на музиката и танцот, таа претставува и архитектонско ремек-дело

Македонската Опера и Балет, освен што е храм на музиката и танцот, претставува и архитектонско ремек-дело. Со својата уникатна модернистичка структура и внимателно изработени детали, овој објект ја одразува богатата културна традиција на Македонија. Ентериерот на МОБ е симбиоза на функционалност и уметност, каде што сценските простори, холовите, и другите елементи создаваат инспиративна атмосфера за уметниците и посетителите.

Светски познатиот фотограф Оскар Проктор ја посети Македонската Опера и Балет (МОБ) за да го овековечи нејзиниот впечатлив ентериер. Целта на оваа значајна посета беше создавање на фотографска серија која ќе се најде во престижниот британски магазин The World of Interiors, еден од водечките светски изданија за архитектура и внатрешен дизајн.

Оскар Проктор е меѓународно реномиран фотограф, познат по своите снимки кои ја слават убавината на историските и современите архитектонски простори. Неговото око за детали и способноста да го долови духот на просторот го направија баран уметник во светот на дизајнот и фотографијата. Преку објективот на Проктор, МОБ ќе биде претставен како спој на историја, култура и естетика.

Со објавувањето на фотографиите во The World of Interiors, Македонската Опера и Балет ќе добие значителна меѓународна видливост. Ова е исклучителна можност за промоција на македонската култура, која се повеќе добива признание на светската сцена. Покрај архитектурата, ваквите иницијативи ја нагласуваат и уметничката вредност на институцијата, која долги години е симбол на високата култура во Македонија.

Посетата на Проктор е само уште еден доказ за интернационалниот потенцијал на македонските културни институции. Македонската Опера и Балет продолжува да ја инспирира публиката не само со своите изведби, туку и со својот визуелен и културен идентитет, кој сега ќе го фасцинира и читателството на еден од најпрестижните светски магазини.

Фото: Оскар Проктор

Поврзани вести