
Пролетното издание Ecoscop на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион, заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали (Сараево филм фестивал, Фестивал на авторски филм Белград, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Загреб филм фестивал, Филмски фестивал Херцег Нови и ИФФК „Браќа Манаки“), ќе се одржи на 22 април 2025 година.
Публиката од земјите чии фестивали се членки на Мрежата, на 22 април ќе има прилика на бесплатна проекција да го погледне филмот TerraForma. Кај нас проекцијата ќе се одржи во Кинотека на Македонија со почеток во 20 часот, а потоа ќе се одржи панел дискусија со експертот по екологија Ханес Јекл.
По бесплтната проекција, филмот ќе биде достапен една недела онлајн на ондеманд платформата на линкот: https://ondemand.kinomeetingpoint.ba/. Пролетното издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион е единствена можност за публиката во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија и Македонија бесплатно онлајн да го погледне филмот.
TerraForma е приказна за оддалечениот вулкански остров Вознесение, кој тлеел милиони години сè до неговата радикална трансформација со процес на „тераформирање“ во тропски рај. Тоа е приказна за тоа што таа трансформација може да значи за нашата планета во иднина каде што може да дојде до тераформирани пејзажи создадени од човекот кои го искривуваат нашето разбирање за самата „природа“. Имено, на овој остров има повеќе отколку што се гледа. Викторијанските натуралисти ја преобликуваат екологијата за да одговара на политичките и економските барања на нивното општество. Новата средина, навидум рај, всушност е фатаморгана- огледална слика на нивната амбиција, нивната империја и нивното разбирање за светот и како таков беше осуден да пропадне…
Режисерското дуо Кевин Бренан и Лоренс Дуркин се пријатели и долгогодишни соработници. Кевин е уметник и режисер од Ирска, додека Лоренс е режисер на документарни филмови од Лондон. Преку својата работа тие ги истражуваат темите на идентитетот, пејзажот и човечките односи со природниот свет. Нивниот прв заеднички проект е токму TerraForma, кој се осврнува на разорниот, но револуционерен гео-инженерски проект од 19 век кој радикално ја промени климата и екологијата на островот Вознесение.
Пролетното издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион ќе се реализира на 22 април со бесплатна проекција на филмот во кината во Сараево, Белград, Хецег Нови, Љубљана, Загреб и Скопје.