Skip to main content

Дурмиши: Од 18 април секој трговец ќе има обврска да ги објавува цените на веб-страна

Freepik

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска на прес-конференција го претстави новиот Правилник за објавување на цените на производите, кој произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачите. Новите правила стапуваат на сила од 18 април, а целта е да се обезбеди поголема транспарентност во малопродажната трговија и заштита на животниот стандард на граѓаните.

Министерството постојано работи на мерки за намалување на цените и стабилизирање на инфлацијата. Резултатите веќе се видливи – според Државниот завод за статистика, инфлацијата во март изнесува 2,7% на годишно ниво, а во однос на февруари е забележана дефлација од -1,3% – истакна Дурмиши.

Новите законски измени предвидуваат обврска за сите трговци на мало (освен микро трговците со до 10 вработени) да ги објавуваат цените на сите производи на своите веб-страници. Цените мора да бидат јасно прикажани, достапни без регистрација, и ажурирани секој работен ден до 10 часот.

Ценовникот на секој трговец треба да содржи: назив и опис на производот, продажна цена со ДДВ, единечна цена по мерна единица, редовна цена, промотивна цена со попуст во проценти, тип на акција, времетраење на попустот и достапност во конкретниот продажен објект.

Со оваа мерка, граѓаните ќе можат полесно да изберат каде да ги трошат своите пари. Веруваме дека ова ќе придонесе и кон дополнително намалување на цените во следниот период, додаде министерот.

Според Министерството, оваа иницијатива ќе придонесе за здрава конкуренција, информираност на потрошувачите и фер пазарни услови.

Поврзани вести