Skip to main content

Мицотакис: Трговските војни на крајот имаат само губитници

Кабинет на грчкиот премиер

Соочени сме со трговска војна, што започна од Соединетите Американски Држави, а резултатите сè уште, до денес, се непредвидливи. Но, сите трговски војни на крајот имаат само губитници и ниеден победник, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на средбата со претседателот на Грција Константинос Тасулас, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис беше примен од Тасулас во Претседателската палата, што воедно е нивна прва средба по инаугурацијата на новиот грчки претседател минатиот месец.

Грчкиот премиер посочи дека нивната прва средба е во време на големи геополитички и економски турбуленции.

Се надевам дека, барем што се однесува до односите меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, ќе можеме да ги искористиме следните три месеци да преговараме за трговски договор на европско ниво, што ќе биде заемно корисен, бидејќи трговијата меѓу Европската унија и САД е толку голема и толку разновидна што секое нејзино нарушување сигурно ќе има негативни влијанија и врз американската и европската економија – посочи Мицотакис.

Грчкиот претседател истакна дека за моменталната состојба потребна е не само подготовка, туку и „неверојатно брза приспособливост на околностите“.

Во гео-економијата, имаме обид за враќање на протекционизмот, враќајќи нè можеби повеќе од сто години назад. И како што многу точно кажавте, во ова некои ќе загубат и ќе загубат многу и од двете страни на Атлантикот. Знам дека комесарот за трговија на Европската унија во моментов е во Америка. Европската унија, со обединет глас, во кој учествуваме и се залагаме за тоа, треба да го реши прашањето без непријатности, без тензии, без непријателство, не постои непријателство, но да се објасни токму тоа што го кажавте, дека и двете страни само може да изгубат – нагласи Тасулас.

Мицотакис на средбата се осврна и на грчката економија за која рече дека е постигната стабилност и фискална рамнотежа, која е „темелот на кој се градат сите економски политики“ и додаде дека треба да бидат особено внимателни и доследни, бидејќи никој не ги знае последиците од глобалната економска криза.

И покрај тоа, да знаете дека останувам оптимист. Индикациите за динамиката на грчката економија се сите позитивни. Имаме многу позитивни податоци за извозот во првите два месеци, што потврдува дека екстровертноста на грчката економија сега е реалност која мора дополнително да ја зајакнеме. Невработеноста продолжува да се намалува, а туризмот се чини дека започна со многу охрабрувачки – истакна Мицотакис.

Поврзани вести